Од утре се укинува полицискиот час, угостителските објекти почнуваат со работа во четврток, одлучи Владата

Полицискиот час од утре се укинува, а угостителските објекти ќе можат да почнат со работа од четврток, соопшти на денешната прес-конференција премиерот Оливер Спасовски. Угостителските објекти ќе работат со, како што кажа Спасовски, прецизно утврден протокол за нивна работа во отворените делови, додека работата во затворените делови и во објектите кои немаат тераси, ќе се регулира во наредната фаза.

Премиерот посочи дека за денешните одлуки има две суштински причини кои произлегуваат од анализите и мислењето на Комисијата за заразни болести.

„Состојбата со епидемијата на коронавирусот е под контрола, бројот на активни случаи е стабилен. Зголемениот број на новодијагностицирани изминатите денови е резултат на одредено непочитување на рестриктивните мерки, но најважно во врска со ова се јасните и на сите нас добро познати кластери од каде доаѓа ова зголемување. Во наредниот период, ќе има нагласено внимание и фокусирана примена на мерките за заштита кон овие жаришта“, соопшти Спасовски.

„Капацитетите и знаењето на здравствените работници за овие три месеци во однос на коронавирусот достигнаа високо стручно и професионално ниво и подготвеност, и тоа ни дава за право да кажеме дека во овие услови, здравствениот систем е поставен така да може успешно да одговори на очекуваните тенденции“, додаде Спасовски.

Полицискиот час беше воведен на 22 март, а периодично неговото времетраење варираше.

Министерството за здравство денеска пак соопшти дека во земјава се потврдени 16 новозаразени, тројца починати и 14 оздравени пациенти од Ковид-19. Вкупната бројка на дкијагностицирани со новиот коронавирус во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 2014, бројката на оздравени пациенти е 1453, на починати е 116, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 445 лица.

МЗ: 16 новозаразени, тројца починати и 14 оздравени од Ковид-19 во изминатото деноноќие