МЗ: 16 новозаразени, тројца починати и 14 оздравени од Ковид-19 во изминатото деноноќие

Министерството за здравство (МЗ) денеска информираше дека Институтот за јавно здравје регистрирал 14 оздравени пациенти. Во меѓувреме, потврдени се 16 нови случаи на Ковид-19, односно, регистрирани се девет случаи во Скопје, пет во Штип и по еден случај во Струга и Гоствиар.

Во изминатото деноноќие, од МЗ информираат дека починале три лица. На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби починала пациентка од Велес на 78-годишна возраст која била хоспитализирана на 14 мај.

„Во ГОБ „8-ми Септември“ почина пациент од Тетово (84г), примен во болница на 20 мај и пациентка од Скопје (76г) примена на 19 мај“, информираат од МЗ.

Во последните 24 часа направени се 314 тестирања. Од вкупниот број направени тестови, 169 теста се направени во рамките на скринингот, а од нив, не е регистриран позитивен случај во градинките и геронтолошките установи.

„Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 2014, бројката на оздравени пациенти е 1453, на починати е 116, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 445“, информираат од МЗ.

На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во изминатото деноноќие, примени се тројца нови пациенти, а таму моментално се хоспитализирани 56 пациенти. Од нив, на кислородна поддршка се 25 пациенти, а на механичка вентилација се тројца пациенти.

Во болницата „8-ми Септември“, пак, примени се пет нови пациенти, а вкупно се хоспитализирани 22 пациенти. Од нив, на респираторна машина се седум лица, a со потешка клиничка слика се уште пет пациенти.

Досега во земјава направени се вкупно 25.841 тестирања на Ковид-19.