Маја Чанкуловска-Михајловска: Aктивностите на музеите од „паузирани“ станаа дигитално проактивни

Наместо со промоции, средби и културни манифестации, годинешното одбележување на Меѓународниот ден на музеите се пресели онлајн со виртуелни прошетки, уметнички предизвици и споделување на музејските архиви.

Според претседателката на Здружението Македонски национален комитет при Меѓународниот совет на музеите, Маја Чанкуловска-Михајловска, актуелната ситуација ги натерала музеите да смислат нови инвентивни начини за одржување на интересот на јавноста во период на затвореност за посети на изложбите и колекциите. Ова како што вели таа, стана тло за отворање/осознавање на различни преспективи на дигиталното функционирање на креативните платформи за интерактивна комуникација.

„Честитката за овој, за нас најзначаен ден, оваа година ми е особено горчлива затоа што за прв пат на неодредено време мораме да ги одложиме традиционалните советувања, средби, промоции, награди на музејските работници кои изминативе години се повеќе предизвикуваат интерес за присуство, и стануваат енергетско средиште за размена на секојдневните искуства и поттик за надминување на тековните професионални музејски проблеми. Сепак, и во вакви услови на изменето функционирање, доаѓа до израз основната мисија и значење на музеите како места во кои се собира, чува, заштитува и презентира културното наследство и уметноста.

Во состојба на изолација, страв и неизвесност, пак, се потенцира улогата на музеите како генератори на поврзаноста помеѓу луѓето и нивната колективна локална/регионална/меѓународна припадност преку културата и уметноста. Така, активностите на музеите од „паузирани“ станаа дигитално проактивни, а работата на музејските професионалци стана поинаква“, се вели во нејзината порака.

Чанкуловска-Михајловска вели дека се уште не се знае со сигурност кога целосно ќе се нормализираат активностите во однос на физичката комуникација со публиката и колку видоизменето ќе биде отвореното и слободно функционирање.

„Како основна задача на музеите им останува одговорноста за заштитата на културното наследство и културата, преку почитување на сите препорачани мерки за безбедност и заштита на здравјето и животот на публиката, и особено за заштита на музејските професионалци како носители на целата дејност“, вели таа.

Годинешната тема на Меѓународниот ден на музеите гласи „Музеи за еднаквост: разновидност и инклузија“.

Таа ги повика музеите уште поактивно да се вклучат во одбележувањето не само на овој ден, туку на цела 2020 година според дадената тема, преку онлајн  реализација на своите активности на социјалните мрежи.

Па така, Музејот на Репулика Северна Македонија овој ден ќе го одбележи така што на својот јутјуб-канал ќе постави повеќе документарни филмови.

„Пошироката јавност преку овие филмови ќе има можност да се запознае со културата на Македонците и другите етнички заедници коишто кохабитираат во нашата земја. На тој начин, дел од разноличниот мозаик на етнолошко наследство на Република Северна Македонија ќе биде достапен за сите луѓе подеднакво“, соопшти Музејот.

Од неодамна и од Даут пашин амам соопштија дека е достапно и виртуелно разгледување на уметничките дела во овој музеј.

Меѓународниот ден на музеите се одбележува на 18 мај, датум избран на Генералното собрание на Меѓународниот совет на музеите-ИКОМ во 1977 година во Москва. Целта на одбележувањето е да се обединат креативните аспирации и напори и да се насочи вниманието на јавноста во целиот свет на нивната дејност.

На овој ден музите во светот традиционално ги отвораат своите врати и овозможуваат бесплатен влез за посетителите, поставуваат изложби, организираат промоции или други настани со цел да го доближат движното културно наследство до што поголем дел од публиката.

Во продолжение, погледнете кои други музеи низ светот ги отворија своите врати за виртуелни прошетки низ нивните поставки.

Британски музеј, Лондон

Уметнички институт во Детроит, САД

Музеј „Гети“

Музеј „Лувр“, Париз

Музеј на уметноста „Метрополитен“

Музеј на уметноста во Бостон

Музеј на НАСА

Национален музеј за женска историја, САД

Државен музеј во Амстердам, Холандија

Музеј „Тисем-Борнемиса“ во Мадрид, Шпанија

Музеј „Ван Гог“

Музеј во Ватикан