Обвинителството побара притвор за насилниците врз девојка од Штип

Основното јавно обвинителство во Штип соопшти дека денес поднеле Предлог за определување притвор за две лица, жители на Штип на возраст од 23 и 26 години кои вчера беа приведени откако на социјалните мрежи се прошири видео на кое осомничените тепаат девојка.

Обвинителството информира дека притворот се бара поради сомнение дека тие го сториле кривичното дело „Насилство“ од член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

„Осомничените во текот на јануари 2020 година, заедно извршиле грубо насилство над оштетената, на начин што отишле во куќата каде престојувала и започнале да ја навредуваат и удираат со тупаници и шлаканици во пределот на лицето и главата. Потоа со влечење ја однеле во влез на станбена зграда каде продолжиле со вршење на насилството. Додека го вршеле грубото насилство, осомничените снимале со мобилен телефон, со кои дејствија кај оштетената и во јавноста предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв“, соопштија од Обвинителството.

Оттаму додаваат дека притворот за осомничените се бара поради обезбедување непречено одвивање на кривичната постапка, како и поради постоење на околности кои укажуваат дека осомничените ќе го повторат кривичното дело.

Според членовите од Кривичниот законик по кои се сомничат на сторителите им се заканува казна од шест месеци до пет години затвор.