Новинарските организации апелираат за помош на ТВ ВИС

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Здружението на новинари (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ) соошштуаат дека со голема загриженост ја примија веста за опожарување на просториите на регионалната телевизија Канал ВИС од Струмица.

Оттука, трите организации упатуваат заеднички апел до локалната самоуправа, државни институции, стопански субјекти, поединци да помогнат во рамките на своите можности за што побрзо враќање на телевизијата во етер.

„Локалните и регионалните медиуми во Македонија имаат посебно значење, бидејќи тие обработуваат теми од локален карактер кои се од јавен интерес. Без овие локални медиуми граѓаните остануваат лишени од важни информации кои се значајни за нивното секојдневно функционирање“, велат организациите.

Тие посочуваат дека во кризни ситуации, како оваа во која се наоѓа државата во моментов, важноста на локалните медиуми е уште повеќе изразена.

„Се надеваме дека колегите од ТВ Канал Вис наскоро ќе се вратат на своите работни задачи и за почеток телевизијата ќе може да ја извршува барем својата информативна функција“, се вели во соопштението на трите организации.

Инаку, пожарот во зградата на поранешната струмичка касарна, каде се наоѓаат просториите на ТВ канал ВИС, изби утрово околу 2 часот.

Од телевизијата известија дека во пожарот биле зафатени телевизкото студио и техниката, но гореле и останатите простории сместени во зградата.

Пожар во регионалната ТВ канал ВИС