Околу 2.300 македонски државјани досега пројавиле интерес за враќање во државава со хуманитарни летови

Околу 2.300 македонски граѓани затечени низ светот деновиве со хуманитарни летови ќе се вратат дома, но, бројката варира, дел од луѓето во меѓувреме успеваат да се вратат, најави на денешната прес-конференција министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Основната концентрација на оваа бројка граѓани е во европските држави, а министерот соопшти дека на вчерашната владина седница, владата го задолжила МНР во соработка Министерството за транспорт и врски да организираат хуманитарни летови за да се донесат граѓаните дома.

„Се формираше едно тело кое што ќе организира задолжителен државен карантин и ќе го зголеми капацитетот на задолжителниот државен карантин. Врз основа на законските прописи за јавното здравје и борба против заразни болести, владата одлучи сите граѓани што ќе дојдат во поголеми групи со хуманитарните летови ќе бидат во задолжителен државен карантин во трање од минимум 15 дена, за истовремено покрај државниот интерес да им се помаѓа на овие граѓани да си дојдат дома, да се заштити и другиот државен интерес, и здравјето на населението кое што си е веќе во татковината“, посочи Димитров.

Министерот ги повика граѓаните кои се немаат пријавено, тоа да го сторат на е-мејл адресите и телефоните на дипломатско-конзуларните преставништва на Северна Македонија во земјите каде што се наоѓаат, или доколку таму нема претставништво, тоа да го направат во најблиското претставништво, во соседната земја. Исто така, тој посочи граѓаните тоа да го направат до утре, недела во 18 часот.

„Ние мора да имаме прецизна евиденција и податоци за веднаш да почнеме да ги организираме овие хуманитарни летови. Нашиот фокус ќе бидат земјите со поголема концентрација на граѓани на кои што им треба помош и поддршка“, објасни Димитров.

Како пример, Димитров посочи на вчерашната случка, каде во договор со Црна Гора, МНР имало обид да се донесе група македонски државјани кои биле во Истанбул, за тие да се качат на хуманитарниот лет организиран од Владата на Црна Гора, но штом биле информирани дека ќе бидат во задолжителен карантин, ниту еден од нив не сакал да ја искористи ваквата можност.

„Така што, ако ова е индиција и некаква илустрација, можно е оваа бројка и да опаѓа, и затоа велам дека бројките ќе варираат. Исто така, во следниве денови ќе организираме еден хуманитарен конвој од Црна Гора кон Северна Македонија. Таму имаме околу 70-тина македонски граѓани и овие луѓе ќе бидат во задолжителен карантин, организиран од страна на државата. Бидејќи луѓето немаат избор, државата за да го штити здравјето на населението ги упатува во ваков карантин. Трошоците за престојот, храната итн.. ќе бидат на товар на државата“, објасни Димитров.

Италија, САД и Германија со најмногу нови случаи на Ковид – 19, скоро 280.000 заболени и 92.000 оздравени на светско ниво