„На лажните вести да одговориме со повеќе образование“ – Дискусија за влијанието на дезинформациите

Општество кое сака да биде демократско, мора на организиран начин да се справува со дезинформациите, бидејќи овие содржини целат кон поделби меѓу граѓаните, поттикнување омраза и поткопување на довербата во институциите. Ваква порака испратија говорниците на дискусијата: „Штетното влијание на дезинформациите“, која ја организираше Граѓанската асоцијација МОСТ.

Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, посочи дека експанзијата на социјални медиуми поттикна сериозен предизвик на злоупотребата на слободата на говор и брзото ширење на дезинформациите за создавање алтернативна реалност во која се губи вистината.

„Не е обврска само на медиумските куќи и на бизнисите да ги демантираат дезинформациите. Овој процес, освен што е долгорочен, треба да биде и сеопфатен. Наша е одговорноста да создаваме генерации кои ќе читаат, ќе имаат развиени аналитички вештини и ќе разликуваат лага од вистина. Наша обврска е да развиваме свест дека технологијата треба да се користи за јавното добро. На лажните вести да одговориме со повеќе образование, развивање критичка свест кај сите возрасни категории и да дадеме поддршка на граѓанските иницијативи кои работат на медиумската писменост“, рече Пендаровски.

Амбасадорката на САД во С. Македонија, Кејт Брнс, посочи дека еден од приоритетите во американската поддршка за евроатланските аспирации на земјава е токму справувањето со дезинформациите.

„Преку комбинација на програми, пораки и интеракции низ земјата, сакавме да подигнеме црвено знаме за тоа дека дезинформациите, доколку не се проверуваат, ја уништуваат довербата на јавноста, не само во власта и институциите, туку и во самата основа на општеството. Вистината не е релативна. За фактите не се преговара. Можеме да дискутираме за мислењата, и тоа мора да биде во еден отворен дискурс. Сепак не смее да има место за целосно измислени теории на заговор и груби лаги. Тие ја загрозуваат јавната безбедност и можат да доведат во ризик човечки животи. За корисниците на социјалните медиуми пораката секогаш треба да биде – размислете пред да кликнете и проверете пред да споделите“, рече Брнс.

На дискусијата учествуваа и повеќе новинари и експерти за социјалните медиуми од земјава и регионот. Викторас Даушкас од иницијативата „Debunk.eu“ објасни за важноста од здружена борба на организациите, медиумите и институциите против дезинформациите, a Росана Алексоска од МОСТ, која го координира проектот Ф2Н2, сподели информации за начинот на кој во С. Македонија се водеа дезинформативните кампањи околу Договорот од Преспа. Ана Петрушева од БИРН посочи дека за справување со дезинформациите многу важно е да се знае кој ги финансира медиумите, додека Румена Филипова од бугарскиот Центар за проучување на демократијата објаснуваше како на социјалните мрежи од Европа и регионот се наметнуваат антизападни наративи преку руски влијанија.

Даниел Евросимоски

 

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.