Владата препорача откажување на поголемите јавни собири до 6 март, поради коронавирусот

На денешната седница, Владата го усвои предлогот на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи со кој се препорачува да се откажат сите јавни собири до 6 март. Препораката на Владата, како што стои во соопштението, се однесува на поголемите јавни собири кои се планирани периодов, посочувајќи ги настаните како Струмичкиот карневал и карневалот „Прочка“ во Прилеп. Исто така препорача да нема публика на спортските натпревари.

„Владата им препорачува на организаторите на спортските настани, натпреварите во утврдениот период до 6 март да се играат без публика. Истата препорака на Влада се однесува и на сите други поголеми забавни и културно-уметнички манифестации. Владата на Северна Македонија на денешната седница препорача сите организатори на други јавни настани своите одлуки да ги донесуваат врз основа на консултација и мислење на Комисијата за заразни болести“, се вели во соопштението на Владата.

Организаторите и на карневалот во Прилеп и тој во Струмица, уште пред да стигне препораката најавија дека ги откажуваат настаните.

На денешната седница, Владата ја задолжи Пазарната инспекција и Агенцијата за лекови и медицински средства на Република Македонија (МАЛМЕД) да направи увид и контрола на залихите на заштитните средства за заштита од пренесувањето на вирусот во аптеките. Доколку утврди, неосновано покачување на цените, стои во соопштението, ќе треба да преземат соодветни законски мерки.

Меѓуостанатото, еден од заклучоците на седницата е и одлуката за воспоставување соработка со „Црвен Крст“. Со ваквата одлука, се вели во соопштението, би се повикале нивните волонтери да асистираат на граничните премини во анкетите на лицата што влегуваат во земјата во соработка со полициските службеници.