Националните телевизии ги обвинија кабелските за пиратерија и побараа оставка од директорот на АВМУ

Со обвинувања за пиратерија и дека се закануваат со „информативен мрак“, петте македонски национални телевизии реагираа на вчерашното соопштение на Здружението на кабелските оператори, кои најавија дека ќе престанат да реемитуваат домашни и странски ТВ канали како протест поради измените на Законот за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги.

Телевизиите, обединети во Македонската Медиумска Асоцијација, на денешната пресконференција побараа од надлежните институции да ја спречат заканата од кабелските оператори и порачаа дека со измените на Законот конечно се воведува ред во регулирањето на авторските права во телевизиското емитување содржини.

„Во изминативе 25 години ниту еден закон не важел за телекомуникациските оператори, едноставно емитуваа и реемитуваа што ќе им падне на памет. Постојано пиратираа и нивното работење со ништо не беше регулирано. Првпат кога некој побара нивното работење да биде регулирано, тие се заканија со одмазда врз граѓаните, врз телевизиите, врз сите чинители“, изјави директорот на Телма Телевизија, Атанас Кировски.

Од Асоцијацијата посочуваат дека законските измени се договорени уште во 2018 година и дека им бил оставен рок на кабелските оператори да се подготват за новините, а го обвинија директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиуми (АВМУ), Зоран Трајчевски дека манипулирал со целата ситуација и побараа негова оставка.