„Пелагонија“ по поплаките од студенти: Од денеска почнува дезинсекција, а лифтовите ќе ги оспособиме

На барање на студентите, денеска ќе се врши дезинсекција во „Пелагонија“, информираа од управата на Државниот студентски дом, по сторијата која ја објавивме за проблемите со кои се соочуваат студентите сместени во домот.

„Ве известуваме дека дезинсекција на целиот дом е направена на 19.07.2019 година, бидејќи тогаш во домот не престојуваат студенти. Но, на барање на студентите, за да им излеземе во пресрет, дезинсекција ќе се врши на 12.12.2019 година за што се известени и студентите. За појавата на бубачките има вина и во самите студенти, кои и покрај тоа што домот има менза, тие ја носат храната во собите каде што не се чува соодветно“, објаснуваат од „Пелагонија“ за Радио МОФ.

Од управата, исто така, додаваат дека се преземаат чекори за поправање на неисправните лифтови, додавајќи дека тие се расипале поради поголемо оштетување и дека било потребно повеќе време за нивно оспособување.

„Бидејќи се работи за студентски дом каде се сместени околу 1000 студенти кои секојдневно ги користат лифтовите, за нас како раководство посебно е важна безбедноста на студентите и затоа постапката за пуштање во промет на лифтовите треба да е спроведена согласно законските прописи и за тоа е потребно време“, информираат од управата на ДСД „Пелагонија“.