Во рамките на есенската сезона на садење денеска на улица „Максим Горки” беше засаден дрворед од 18 садници од видот јапонски цреши, како донација од вработените во локалната канцеларија на Европската банка за обнова и развој во Република Северна Македонија.
Според Град Скопје, се работи за висококвалитетни повеќегодишни јапонски цреши.
Градоначалникот Петре Шилегов тврди дека интензивно работат на зголемувањето на зелените површини во Скопје, а оваа есен посебно внимание посветиле на обновување на постојните и формирање на нови дрвореди потребни на градот.
„Град Скопје во рамките на есенската сезона на садење предвидува уредување на повеќе нови зелени површини, и обновување на неколку стари зелени површини на различни локации во градот. Во текот на изминатиот период е оформен дрворед пред објектот на Пошта, а се засадуваат и нови садници на плочникот пред ГТЦ“, велат од Град Скопје.
Анди Аранитаси, директор на ЕБОР Северна Македонија, пак, рече дека приоритет на ЕБОР е подобрување на квалитетот на воздухот во Скопје, а веќе имаат инвестирано во плановите на Градот за почист јавен превоз и работат со градските и општинските власти на Акциски план за Зелен град, кој би понудил систематски решенија.
Инаку, на улицата „Максим Горки“ изминативе денови беа исечени 14 јапонски цреши, за кои Градот рече дека се целосно суви. Отстранувањето на дрвјата ги „запали“ социјалните мрежи, а голем број граѓани се сомневаа во исправноста на ваквата постапка, загрижени дека центарот на Скопје останува без дрвја.