Помина точно една година откако Град Скопје се пофали дека седниците на Советот на Град Скопје ќе се пренесуваат во живо, со цел поголема транспарентност и информираност. Сепак,
од Градот сега тврдат дека опремата е набавена, но старите градски бараки се уште не се технички спремни и адаптирани, за граѓаните да можат да следат пренос.
Од Градот потврдуваат дека на 23 август 2018, Советот на град Скопје ја донесе Одлуката за одобрување на набавкa на основни средства – техничка опрема за реализација на видео пренос во живо на седниците на Советот на Град Скопје.
„Согласно буџетските средства и спецификациите од одлуката, Град Скопје спроведе јавна набавка и ги набави потребните технички средства за реализација на преносите. Во моментов се извршуваат работи за подготовки и адаптација на самата сала за спроведување на вакви преноси, бидејќи станува збор за покомплексна операција, а самите бараки се постари и во моментов не ги поседуваат техничките можности за ваков пренос“, соопштуваат од Град Скопје за Радио МОФ.
Тука, пред се’, Градот потенцира дека се мисли на поставување на нови кабли, нови инсталации (електрична) и слично.
„Во моментот кога ќе се спроведат овие технички постапки и адаптации, ќе започне и процесот на користење на оваа видео опрема“, велат од Одделението за односи со јавност на Град Скопје.
Градските власти уште лани за Радио МОФ рекоа дека за набавката на основните средства се обезбедени преку Буџетот на Град Скопје, со проценета вкупна вредност од 745.000 денари, со вклучен ДДВ.
Инаку, со години наназад се споменува снимање во живо на Советот, каде се гласаат важни одлуки за јавниот простор, транспортот, водоводот, зеленилото, средните училишта, културни настани итн. Сепак, досега немаше посериозен напор за да се обезбеди пренос и да се зголеми информираноста на граѓаните за работата на ова тело.
Истражувањето на Центарот за управување со промени покажа дека индексот на транспарентност во сите општини е само 20%.
Исто така, извештајот за Отвореноста на локална власт во регионот и Македонија на „Метаморфозис“, направена врз основа на анализата од декември 2017 – март 2018, покажа дека отвореноста на локалната самоуправа е на ниско ниво.
Општините исполнуваат едвај 24 отсто од индикаторите на отвореност, што е под просекот и на локалните самоуправи од целиот регион, кој изнесува ниски 31%.
„За подобрена транспарентност на општините, кои исполнуваат скромни 31% од индикаторите од индексот за транспарентност, општините мора да го овозможат и унапредат во иднина објавувањето на одлуките кои ги носат Советите на општините, одлуките кои ги носат градоначалниците, записниците од седниците на Советите на општините, Статутот на општините, Деловниците за работа на Советите, но и да објавуваат информации за организациската структура, буџетот за работа за тековната година, како и за претходните години, завршните сметки, како и објавувањето и пристапот до информациите за јавните набавки“, се вели во извештајот.
Бојан Шашевски