Град Скопје нема датум кога ќе почнат да се пренесуваат седниците на Советот

Следењето во живо на седниците Советот на Град Скопје ќе почека уште малку. Градските власти не даваат конкретен датум кога точно би почнало монтирање на камерите, туку велат дека по спроведување на сите потребни постапки, опремата ќе биде набавена со што ќе се овозможат техничките услови за реализација на преносите.

„Во насока на зголемување на транспарентноста во работата на Градот Скопје, Советот на Град Скопје на 15-та седница (која се одржа на 23.08.2018 година) ја донесе Одлуката за одобрување на набавкa на основни средства – техничка опрема за реализација на видео пренос во живо на седниците на Советот на Град Скопје. Со оваа одлука, Советот на Град Скопје ја одобри набавката на основни средства со која е предвидена набавка на 3 професионални видео камери со стативи, рекордери, преносен и персонален компјутер со соодветни перформанси и останата техничка опрема. Во план е седниците на Советот во живо да се емитуваат на порталот на Град Скопје и на профилите на Градот на социјалните мрежи“, стои во одговорот до Радио МОФ на Одделението за односи со јавност на градските власти.

Од таму додаваат дека набавката на основните средства се обезбедени во Буџетот на Град Скопје за 2018 година, со проценета вкупна вредност од 745.000 денари, со вклучен ДДВ.

Инаку, со години наназад се споменува снимање во живо на Советот, каде се гласаат важни одлуки за јавниот простор, транспортот, водоводот, зеленилото, средните училишта, културни настани итн. Сепак, досега немаше посериозен напор за да се обезбеди пренос и да се зголеми информираноста на граѓаните за работата на ова тело.

Според извештајот за Отвореноста на локална власт во регионот и Македонија на „Метаморфозис“, направена врз основа на анализата од декември 2017 – март 2018 и во рамките на проектот ACTION SEE, отвореноста на локалната самоуправа во Република Македонија е на ниско ниво.

Општините исполнуваат едвај 24 отсто од индикаторите на отвореност, што е под просекот и на локалните самоуправи од целиот регион, кој изнесува ниски 31%.

„За подобрена транспарентност на општините, кои исполнуваат скромни 31% од индикаторите од индексот за транспарентност, општините мора да го овозможат и унапредат во иднина објавувањето на одлуките кои ги носат Советите на општините, одлуките кои ги носат градоначалниците, записниците од седниците на Советите на општините, Статутот на општините, Деловниците за работа на Советите, но и да објавуваат информации за организациската структура, буџетот за работа за тековната година, како и за претходните години, завршните сметки, како и објавувањето и пристапот до информациите за јавните набавки“, се вели во извештајот.

Бојан Шашевски