Mинистерот за економија Крешник Бектеши вчера соопшти дека ќе се раскинат концесиите за каменоломите во Лабуништа во најкраток рок.
Тој при средбата со жителите на селото и претставници на еколошкото здружение „Натура Лаб“, рече дека еден концесионер сам се откажал, а на останатите во најкраток рок ќе им бидат одземени концесиите за ископ на минерални суровини од подножјето на планината Јабланица.
„Не е во ред во населено место од 10.000 жители да има шест концесии“, рече министерот.
Министерството за економија и Владата како надлежна за издавање концесии, подвлече тој, може и да ги одземе концесиите.
Концесиите, додаде, се издадени од 2016 година наназад и оти побарал ревизија на сите документи и начинот како се дадени.
Жителите на Лабуништа пред две недели одржаа мирен протест и едночасовна блокада на регионалниот пат Струга – Дебар барајќи да се затворат каменоломите под Јабланица, по што организираа блокади не дозволувајќи пристап на механизацијата.