Изработката на Акциониот план за Скопје зелен град е целосно отворена и транспарентна во соработка со невладиниот сектор, велат од Град Скопје. Реакцијата доаѓа откако вчера невладината „Еко свест“ алармираше во јавноста дека процесот се врши зад затворени врати.
„Во рамките на проектот, досега се одржани две работилници, едната во март и другата во јули на која уредно се поканети сите засегнати страни во Градот Скопје кои можат да дадат придонес во утврдување на еколошките предизвици во Градот и креирањето на стратешки активности и интервенции за ублажување на овие предизвици“, велат од Град Скопје.
Оттаму тврдат дека „Еко свест“ била поканета и на двете организирани работилници.
„Најодговорно тврдиме дека процесот е транспарентен и во прилог на изработката на Акцискиот план е да бидат вклучени засегнатите страни, односно институции и граѓански организации кои се активни на полето на заштита на животна средина. Напоменуваме дека процесот не е затворен, туку напротив во секоја фаза има можност за вклучување на сите заинтересирани страни“, стои во реакцијата на Град Скопје.
Од „Еко свест“ вчера информираа дека во април испратиле барање за учество во процесот заедно со список на граѓански организации кои би можеле да придонесат во лоцирање на проблемите и изработката на зелениот акциски план. Но, покана за присуство не добиле.
„Изработка на акциски план кој би требало да даде насока за справување со најгорливите еколошки проблеми на градот во наредните 15-20 години, без да ги прашате жителите врз кои истиот ќе има најмногу влијание и има моќ да им го промени животот на подобро или полошо е апсурдно и се коси со сите начела на едно современо демократско општество,“ посочија од граѓанската организација.