Jасмина Јакимова од Радио МОФ наградена за известување за бегалците

Уредничката и новинарка во Радио МОФ, Јасмина Јакимова доби награда за професионално известување за состојбата на бегалците при мешани миграциски движења за 2018 година.

Наградата беше доделена на Правниот факултет „Јустинијан Прво“ во рамки на одбележувањето на Меѓународниот ден на бегалците 20 јуни, во организација на ЗНМ, УНХЦР и Здружени на млади правници.

„Приказните за бегалците, мигрантите, за азилантите се приказни за солидарност. Тоа е нешто што ние како новинари постојано треба да го поттикнуваме, бидејќи зад секоја статистичка бројка стои приказна, стои семејство, стои некаква судбина. Ова е втора година како оваа награда оди о Радио МОФ, што е доказ дека сме на добар пат“, истакна Јакомова.

„Катерина Топалова од МТВ, добитничка на наградата во категорија за емисија, прилог или краток документарец, рече дека нема поголема приказна од човечката.

„Тие се приказна за моќта и немоќта, толеранцијата и нетолеранцијата и силата и слабоста. Медиумите мора да продолжат да ги следат овие теми“, изјави Топалова.

Новинарот Синиша Станковиќ, од Гласот на Америка, е добитник на признание за континуирано професионално известување за состојбата на бегалците.

Претставничката на УНХЦР во Скопје Моника Сандри, посочи дека настанот ги спојува двете страсти на УНХЦР – правата на бегалците и свесноста за тие права.

„Ние од УНХЦР сме добро запознаени со важноста на вложувањето во образованието и во професионалното новинарство, со оглед дека тие се главни агенти за трансформација на општествата“, рече Сандри, потенцирајќи дека новинарството е поле во кое треба да инвестираме со цел да го поддржиме професионалното и чувствително известување за едни од најранливите луѓе на планетата.

Денис Сулејман од ЗНМ, рече дека наградите се однесуваат на една многу сензитивна и актуелна тема не само во земјава, туку и во регионот и во светот.

Во рамки на одбележувањето на светскиот ден на бегалците беа доделни и сертификати за студентите кои успешно ја завршиле практикантската работа на Правната клиника за бегалската криза при Правниот факултет.

Во продолжение, прочитајте ја наградената репортажа од Јасмина Јакимова:

Репортажа од Центарот за баратели на азил во Визбегово: Ретки се тие што остануваат во Македонија