#СтаницаСтудентска 7.0

Се’ на едно место од „Станица: Студентска 7.0“ од Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Тимот од работилницата „Медиа хаб“ будно ќе следи и ќе известува за случувањата од седмото издание на настанот, кој ќе трае од 11 до 18 часот, во организација на Младински образовен форум. 

– – – – – – – – – –

Стартува „Станица: Студентска 7.0“

Волонтерите се распоредуваат на своите места, организациите ги местат своите штандови, а студентите и гостите се во исчекување на предавањата во перон 3 и 4 од „Станица: Студентска 7.0“. Истовремено, Петар Барлаковски од МОФ го испроба перничето во чил аут зоната, каде денеска ќе има гејмање – друштвени игри со дечките од кафе „Само“.

Настанот е отворен за сите заинтересирани млади луѓе, студенти и останати посетители кои сакаат да посетат предавања кои ретко имаат можност да ги следат на факултетите, да се информираат и зачленат во организации отворени за нив, да учествуваат во работилници и да разменат искуства и идеи.

Програмата предвидува предавања за вашите права при претрес на улица, за тоа колкав е соларниот потенцијал на Република Северна Македонија, како да си направиш пиво, но и каква е иднината на човештвото и вештачката интелигенција.


– – – – – – – – – –

Леана Таќи: Мултипотенцијал не значи да си добар во многу работи, туку да се трудиш и да се бараш себе си 

Зошто баш „Multipotential“ (мултипотенцијал)? Од причина што луѓето погрешно го сфаќаат тој поим. Поимот мултипотенцијал не значи да си добар во многу работи, туку да се трудиш и да се бараш себе си во повеќе работи, со цел да се подобруваш самиот но и да придонесуваш за подобрување на другите, вели Леана Таќи, која има воведно предавање на „Станица Студентска 7.0“.

Таќи покрај тоа што работи по струка маркетинг како копирајтер, се занимава и со музика, граѓански активизам, заштита на животни…

Таа во „Перон 4“ одржува токму презентација на тема „Multipotential“.

„Причината поради која сум тука не е да се пофалам што имам јас направено или што правам, туку да ги потстикнам младите да сфатат колку е важен мултидисплинарниот пристап во секоја работа со која се бават и да инспирирам некого дека можеби има во него некој потенцијал кој може да го искористи”“, вели Таќи.

К.С.

– – – – – – – – – – –

[Фото] Инсекти и змија се главните атракции на штандот на Истражувачкото друштво на биолози

Инсектариум со различни пеперутки и тврдокрилци, пајаци, но и змии се едни од главните атракции на штандот на
Истражувачкото друштво на биолози, кое е една од организациите за кои студентите покажуваат интерес на денешната „Станица: Студентска 7.0.

Истражувачко друштво на студенти биолози (ИДСБ) е младинска истражувачка организација, која се занимава со едукација на  студентите и членовите во областа на биологијата како и истражување и изучување на биодиверзитетот на Р. Македонија. Истржувачкото друштво е во склоп на Институтот за биологија при Природно-математичкиот факултет. Распоредени се низ различни секции: херпетолошка, алголошка, ентомолошка, орнитолошка, флористичка, мамолошка, биохемиско-физиолошка и др.

„Одиме на терени, во текот на годината, и за време на летото во јули се одржува двонеделна истражувачка акција. Собираме материјал, потоа тоа го обработуваме, работата се случува во лабораториите на природно-математичкиот факултет“, вели една од студентките од друштвото.

Од ова здружение информират дека во текот на годината ќе објавуват био-фотоконкурс со наслов „урбани безрбетници“, каде можат да конкурират сите љубители на макро-фотографирањето.

Фото и текст: А.М.

– – – – – – – – – – –

Студенти од ФЕИТ: Значајно е инвестирање во обновливи извори, фотоволтаични системи можат да ја спасат нашата земја 

Каков е соларниот потенцијал на Република Северна Македонија, како на индивидуално, така и на индустриско ниво?

Ова прашање е во фокус на истражувањето на студенти од ФЕИТ, кои имаат своја презентација на овогодинешната „Станица: Студентска 7.0.

Студентката Ангела Најдоска вели дека под индивидуи кои би можеле да постават фотоволтаични системи и од нив да црпат енергија, ги сметаат домаќинствата или пак малите фабрики кои би произведувале електрична енергија со помош на соларни панели за сопствена потрошувачка.

„Значењето на инвестирањето во овие обновливи извори на енергија е од огромно значење за намалувањето на еколошките катастрофи предизвикани од постоечките термоцентрали како загаденоста на животната средина. На државно ниво, најповолен регион за поставување на фотоволтаичните системи е во Полошкиот регион (иако разликата низ целата територија е премала), а истите би се исплателе по 9 години користење за соспствена потрошувачка (не и за извоз)“, нагласува Најдоска.

Дејан Димитров, Ангела Најдоска и Војдан Андонов

Нејзините колеги Дејан Димитров и Војдан Андонов велат дека, од друга страна, на индустриско ниво замена на постоечките термоцентрали за електрична енергија кои работат на јаглен со нови фотоволтаични системи е значително понеистплатливо.

„Всушност животниот рок на термоцентралите на јаглен е 40 години и нивната исплатливост започнува по 18тата година, а пак животниот рок на фотоволтаичните системи е само 25 години и во тој период (при производство на индустриско ниво) цената на добиената електрична енергија нема воопшто да ги покрие инвестираните трошоци“, објаснуваат Димитров и Андонов.

Нивниот заклучок е дека замената на постоечките централи со нови централи кои работат на сончева енергија е неисплатлива, но, земајќи ги во предвид субвенциите и грантовите од владите како и инвестициите од банкари и индивидуи кои се зголемуваат со се повеќе успешно поставени панели, овие фотоволтаични системи би можеле да ја спасат нашата земја.

Г.Б.

– – – – – – – – – – –

Ристо Солунчев, професор: Револуцијата подразбира коренито трансформирање

Јас приоѓам како философ, ме интересира можноста за револуција. На пример, секогаш во предвид, човештвото и индивидуите го имаат дали е возможна трансформација на општеството и системот на владеење и каде тоа би водело. Револуцијата подразбира коренито трансформирање, додека апсолутната демократија се обидува да има некои сегменти каде што ќе се обиде да говори практично, вели професорот на Филозофски факултет, Ристо Солунчев, кој има свое предавање „Демократија и револуција“ во склоп на Станица: Студентска 7.0.

Солунчев како поенти до студентите истакна дека е стравично тоа што либералната левица, како што вели, заврши како да се добри ученици на Фукујама.

„За мене тоа е опасно, да се заврши како Фукујама, и да се пребива во некој тип на универзална, како да сме стигнале во ескатологија, нема историја, нема потрага, значи тоа би требало човек да го размисли. Јас не велам дека е можна револуција, ми се чини дека во ваков контекст каков што е, е невозможна револуцијата дури и оној што се обидува да ја мисли револуционерната свест да го одбие овој контекст каков што е“, нагласува Солунчев.

За него, поентата е проблематизирање на состојбата и воопшто можноста за револуционерна свест.

„Мене ме интересира дали во контекстот на либералниот капитализам што се случува со револуционерната свест, или ќе треба да ја отфрли демократијата и концептот за апсолутна демократија или секогаш да има како искушение и наместо да прејде во она вистинска револуција во правата онтологија на револуцијата, она мора да го закочи тој скок и да ја прифати апсолутната демократија. Значи тоа е проблематизирање на можноста за револуционерна свест во перспектива. Дали всушност реално живееме не само во пост политички свет или пост револуционерен, тоа е прашањето што сакам да го видам. Да укажам на некои егзистенцијални моменти на состојбата на недефиниратана состојба на револуционерната свест“, вели Солунчев.

М.К.

– – – – – – – – – –

[Фото] Друштвени игри во чил зоната на Станица: Студентска

Покрај промовирањето на разни организации, во рамки на „Станица: Студентска 7.0“, студентите имаа можност да се забавуваат со дечките од кафе „САМО“, во чил зоната, со друштвени игри како што се џенг, карти и слично.

„Денеска на настанот очигледно е супер, не очекував дека ќе има толку интерес, иако мислам дека може и подобро да се организира, да биде помасовна и поинволвирани да бидат и самите студенти и кога им е работен ден и се на факултет“, вели Борис Момиќ, претставник од САМО.

Од неговото досегашно искуство со гејминг борд кафе САМО, вели дека најголем дел од луѓето што ги играат овие игри се млади, особено до 30 години, и се запознаени со гејминг и пораснале со гејминг.

Иако за разлика од другите земји во Македонија нема закон што ги регулира друштвените игри, Борис е оптимист дека ваквите иницјативи ќе бидат потик за да се донесат битни одлуки, почнувајќи од закон во Парламентот, па се до отварање на школи каде ќе може да се организират клубови за сите генерации.

А.М.

– – – – – – – – – – – –

Јанаки Митровски, адвокат: Граѓаните треба да си знаат правата при претрес на улица

На Перон 3 на Станица: Студентска 7.0 се оддржа предавање на тема: „Вашите права при претрес на улица“ од адвокатот Јанаки Митровски, според кој, убаво би било сите граѓани да си ги знаат правата.

„Бидејќи постои едно погрешно мислење дека овластените службени лица можат без никакви законски рамки да вршат легитимирање и претрес, што не е точно, сето тоа им е дозволено, но во строго определни случаи“, вели тој.

Конкретно за легитимирањето, вели тој, тоа е во 11 таксативно наброени случаи со Законот за полиција.

„А, во случај на вршење претрес тоа е строго ограничено, кога сте осомничени за кривично дело или кога се смета дека кај вас ќе се најдат предмети кои што се предмет на кривично дело. Се’ друго е мимо овластувањата на овластените службени лица“, нагласи Митровски.

М.К.

– – – – – – – – – –

Вештачката интелигенција во фокусот на предавањето на Игор Трајковски 

Човештвото ќе изгради машини со супер човечка интелигенција. Што ќе се случува кога машините ќе ги надминат луѓето со својата интелигенција? Дали доволно се соочуваме со проблемите поврзани со создавање на нешто што може да нè третира како што ние ги третираме мравките?


Ова беа прашањата што ги подигна Игор Трајковски, при неговото предавање во склоп на Станица: Студентска 7.0.

Трајковски е екс професор на ФИНКИ при УКИМ и основач на агрегаторот за вести Time.mk, а при неговото предавање се разгледуваа темелите за разбирање на иднината на човештвото и вештачката интелигенција.

– – – – – – – – – –

Треба ли да стравуваме од модерната технологија и вештачката интелигенција – филозофски дилеми со Владимир Давчев 

Професорот Владимир Давчев на своето предавање на Станица: Студентска 7.0 потенцираше дека човекот постојано работи за да заработи, ја менува својата пот за пари, но и полека открива начини како тоа да го поедностави.

„Почнувајќи од простите машини и индустријализација, па се до вештачката интелигенција и авто-пилотските возила“, нагласи тој.

Според него, несомнено е дека се губи огромниот труд и напор кај луѓето дури и целосно се губи неговата мака, но, тој поставува прашање – што со тие луѓе чиј труд е веќе беспотребен?

„Дали докрај вцелост му помагаме на човештвото или пак градиме свет без луѓе? Што е интелигенција, какви видови на интелигенција постојат, дали може таа да се синтетизира и да се развие високо над човековиот ум, но и надвор од него?“, прашува професорот.

Професор  Давчев „наместо заклучок“ на крајот констатираше: „Како и да се развие и каде и да оди вештачката интелигенција евидентно е дека таа на крајот ќе изгледа како нешто за нас засега незамисливо и дефинитвно нема да ја има,  за нас лесно сфатливата, антропоморфна форма“.

Г.Б.

– – – – – – – – – – –

Владимир Петрушевски: Експериментот на Милграм – покорност кон авторитет

Предавањето за познатиот „Експеримент на Милграм : покорноста кон авторитетот“ на професорот Владимир Петрушевски предизвика особено внимание на настанот Станица: Студентска 7.0. на Правниот факултет „Јустинијан Први“.

Владимир Петрушевски

Во разговор со тимот на Радио МОФ, Петрушевски раскажа за експериментот:

„Милграм бил интигриран во времето кога биле актуелни процесите против нацистичките злосторници, (прашувајќи н.з.) зошто сите тие излегуваат само со една теза ‘ние само ја вршевме нашата должност’, ‘ние само ги следевме командите’, ‘ние ги почитувавме заповедите’. Се запрашал дали тука можеби има во заднината, дали ова не е само обичен страв од тоа што следи, казната за поведението, дали нема нешто пофундаментално. И така тој го спроведува славниот ‘Милграм експеримент“ во кој што покажува всушност, просечна индивидуа може да биде доведена во состојба да почитува наредби, барања, без да биде многу ќејфлија тоа да го прави“, рече Петрушевски.

Според професорот, произлегува дека ние од овој експеримент, како да имаме во нашата свест или уште повеќе посвест, некој мал послушник кој што раководи со нас.

„И ако умееме да го разбудеме послушникот, тој ќе стори се’. Предавањето е за да се бориме против тоа“, рече Петрушевски.

М.К.

– – – – – – – – – – –