[Инфографик] Во Македонија полесно е да станеш директор отколку пазарџија

За да може да се продава на тезга на пазарите потребно е да се исполнат повеќе услови отколку за да се стане директор или член на управен одбор на јавно претпријатие. Ова преку неколку инфографици сликовито го прикажаа од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ кои изминатиов период ги анализираа правните критериуми за назначување на раководство на јавни претпријатија, регулаторни и самостојни тела.

„Законите според кои се избираат лицата во раководните органи на јавните и државните претпријатија и регулаторните тела не бараат ниту нудат критериуми со кои ќе се гарантира избор на квалитетни лица кои ќе бидат директори или членови на управните и надзорните одбори. Законски исто така не е предвидена постапка во која може да се разреши член на раководен орган на овие институции доколку тие покажуваат слаби резултати во работењето“, посочуваат од Институтот.

Што е потребно за да се стане директор, или член на управен одбор, а што за пазарџија можете да погледнете во инфографиците во продолжение и дел од Законот за трговија на зелените пазари, кој предизвика револт и протести од страна на пазарџиите.

Документот, кој го изработија од Институтот за демократија, опфаќа 173 јавни органи, како и 48 закони и подзаконските акти со кои се регулира работата и делувањето, назначувањето на членови на управни одбори и директори на јавните претпријатија, претпријатијата во целосна државна сопственост, независните регулаторни тела, државните органи и органите на државна управа.

Широката можност која ја оставаат законите, со интерни акти (статути), да се регулираат прашања од статусен карактер се дополнителен проблем во однос на воспоставувањето на јасна и прецизна рамка за секојдневно функционирање на овие институции.

„Критериумите за образованието не соодвествуваат со функциите што треба да ги имаат кандидатите за сите три органи (директор, член на управен или надзорен одбор). Кај надзорниот одбор мислам дека е најкритична работа бидејќи тие треба да го врша надзорот врз материјално финансиското работење. Освен што има јавен оглас никаде нема загарантирана постапка според која ќе се одберат најквалификуваните кандидати за работата и сето тоа не гарантира дека ќе се обезбедат квалитетни лица за сите овие органи.“ објаснува авторот на анализата, Југослав Ѓорѓиевски.

Според анализата, Законот за јавни претпријатија воопшто не препознава нешто како потреба за познавање на ревизорската материја која е потребна за контролата на материјално – финансиското работење. Исто така во законите постои обврска за објавување на јавен оглас, меѓутоа не постои никаква постапка во која, најдобриот кандидат би бил избран за член на органот на управување, односно на раководниот орган. Проблематичен е и недостатокот на постапка за разрешување на вакви функционери поради слаби регзултати во работењето.

„Условите за разрешување се поврзани со престанокот на работниот однос согласно Законот за работните односи (смрт, старосна пензија, казна затвор на шест месеци, губење на деловна способност или оставка). Никаде нема услови за разрешување засновани на лош перформанс“ се вели во анализата.