Минатата недела, од 13 до 18 ноември 2018, во Скопје се одржа првата Балканска дебатна академија, на која 37 средношколци од Македонија, Косово, Србија и Босна и Херцеговина учествуваа во предавања и интерактивни работилници за дебата и аргументација, човекови права, младинско учество, минатото и културата.
Академијата ја организираше Младински образовен форум, со Отворенакомуникација од Србија, Центарот за културен дијалог од Босна и Херцеговина и Дебатниот центар од Косово*, со поддршка на Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO).
На крајот на академијата се одржа и дебатен натпревар, на кој средношколците низ учество во 30 дебати се натпреваруваа меѓу себе.
Тие дебатираа на тезата: „Овој Дом верува дека Владите на Балканот треба да развијат заедничка наставна програма и учебници по историја“.
На дебатниот турнир победи тимот составен од: Симона Златанова (Македонија); Михаило Бабиќ (Србија) и Омер Муминовиќ (Босна и Херцеговина). Второ место освои тимот: Вијон Бараку (Косово), Елена Госњиќ (Србија) и Дејана Маркова (Македонија).
Најдобар говорник на турнирот беше Михајло Бабиќ од Србија, второто говорничко место го освои Раеса Никшиќи од Косово, а третото Софија Милјатовиќ од Босна и Херцеговина.
Покрај обуките и дебатите, беше распишан и повик за средношколци за младите од овие земји, на кој над 60 ученици ги пратија своите есеи на темите: Дали нашето минато ја дефинира нашата иднина? и Напредокот започнува со дијалог.
Преку организацијата на овој настан, МОФ и партнерите целат да ја поттикнат културата на дијалог и соработката помеѓу младите од Западен Балкан. Проектот беше финансиран од Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO). Организацијата на настанот ја помогнаа и Бреинстер, Гимназија Јосип Броз – Тито и Град Скопје, во чии простории се одржаа активностите.