37 средношколци од регионот учествуваа на првата Балканска дебатна академија во Скопје

Минатата недела, од 13 до 18 ноември 2018, во Скопје се одржа првата Балканска дебатна академија, на која 37 средношколци од Македонија, Косово, Србија и Босна и Херцеговина учествуваа во предавања и интерактивни работилници за дебата и аргументација, човекови права, младинско учество, минатото и културата.

Академијата ја организираше Младински образовен форум, со Отворенакомуникација од Србија, Центарот за културен дијалог од Босна и Херцеговина и Дебатниот центар од Косово*, со поддршка на Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO).

На крајот на академијата се одржа и дебатен натпревар, на кој средношколците низ учество во 30 дебати се натпреваруваа меѓу себе.

Тие дебатираа на тезата: „Овој Дом верува дека Владите на Балканот треба да развијат заедничка наставна програма и учебници по историја“.

На дебатниот турнир победи тимот составен од: Симона Златанова (Македонија); Михаило Бабиќ (Србија) и Омер Муминовиќ (Босна и Херцеговина). Второ место освои тимот: Вијон Бараку (Косово), Елена Госњиќ (Србија) и Дејана Маркова (Македонија).

Најдобар говорник на турнирот беше Михајло Бабиќ од Србија,  второто говорничко место го освои Раеса Никшиќи од Косово, а третото Софија Милјатовиќ од Босна и Херцеговина.

Покрај обуките и дебатите, беше распишан и повик за средношколци за младите од овие земји, на кој над 60 ученици ги пратија своите есеи на темите: Дали нашето минато ја дефинира нашата иднина? и Напредокот започнува со дијалог.

Преку организацијата на овој настан, МОФ и партнерите целат да ја поттикнат културата на дијалог и соработката помеѓу младите од Западен Балкан. Проектот беше финансиран од Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO). Организацијата на настанот ја помогнаа и Бреинстер, Гимназија Јосип Броз – Тито и Град Скопје, во чии простории се одржаа активностите.