Почнуваат активностите за номинацијата на Лесново за Геопарк, кој треба да биде ставен на листата и под заштита на УНЕСКО.
Во Пробиштип денес доаѓаат експертите од геопаркови во Хрватска и Романија, кои на работната група од Македонија ќе и ги пренесат своите искуства за постапката и се што треба ад се направи, кога ќе се достави номинацијата за Лесново.
„Тие имаат огромно искуство во спроведување вакви проекти, ќе имаме и работилница во општина Пробиштип, на која ќе има и претставници од Универзитетот ‘Гоце Делчев’, претставници од Министерството за животна средина. Треба да го видиме нивното искуство, позитивно, во имплементацијата на ваквиот тип на проекти“, рече директорката на Центарот за развој на Источно планскиот регион, Драгица Здравева.
На проектот ќе работат експерти од повеќе области. а експертите за туризам сметаат дека специфичниот вулкански терен, единствен на Балканот е вреден да се запише на листата на заштитени природни подрачја и дека одговорот од УНЕСКО ќе биде позитивен.
Целата постапка до апликацијата ќе чини 12 милиони денари, а иницијативата се реализира преку Програмата за зачувување на природата финансирана од швајцарската Агенција за развој и соработка, а координарана од „Фармахем“.
Инаку, Радио МОФ веќе правеше репортажа за регионот на селото Лесново, чии обележја се вулкански бомби-топки, воденични пештерски камења, Лесновскиот манастир и разни геоморфолошки структури.
Активноста на тамошниот голем вулкан згаснала пред околу 20-ина милиони години, но лесновскиот кратер е еден од најсочуваните во регионот. Вулканот и неговите остатоци се уште живеат во синергија со локалното население. Функционираат заедно. Оттука и идејата да се оформи првиот геопарк во Македонија – спој на геовредности и културни уникатности.