Во ликовната галерија од ЦК„Марко Цепенков“ во Прилеп во петок (31 август) во 20 часот ќе биде отворена изложбата на дела од прилепскиот уметник Александар Џинго.
Џинго досега реализирал самостојни и групни изложби, член е на ДЛУП, има учествувано и на повеќе ликовни колонии, а сега ќе се претстави со 20-ина дела – колаж.
„Александар Џинго пронаоѓа замислени визуелни композиции и креативни идеи во музиката, костимографијата и графиката како повеќегодишен израз. Воопшто, истражува во празниот простор од каде што дејствува и трансформира, за на крај да обликува свои уметнички сцени. Џинго при создавањето на своите дела пристапува кон детална тематска, техничка и естетска анализа. Оттука произлегува структуралниот пристап кога се говори за неговото творештво.
Неговата интелектуална љубопитност создава препознатлив печат, а тоа е спојот на графичкиот дизајн и ликовната уметност. Авторот се определил за техниката – колаж како процес на екпериментирање, кој нуди неочекувани креативни резултати. Основната ликовна синтагма на овие уметнички дела е интеракција на колоритната хармонија и акустичноста на ликовите. Најнеограничената слобода е чистиот уметнички израз“, стои меѓу другото во најавниот текст за изложбата на Оливера Богатиноска.