Дебатерките што победија на Национално: дебатата не е „само за бубалици“

Христина Цветановска и Марија Филиповска се двете дебатерки што победија на Националното дебатно првенство 2018. За Радио МОФ тие раскажуваат е потребна дебатата во Македонија и што научиле од неа.

Марија Филиповска

„Дебатирам бидејќи бев во општество кое ме тераше да се чувствувам инфериорно на моите идеи и различности и постојано мислев дека тие различности ми се лоша особина. Кога дознав дека постои оваа дебата – дознав дека всушност постои нов начин на којшто можам да ги претставам моите идеи,“ раскажува петнаесетгодишната Марија.

Дебатира веќе две години, и на шега вели дека за неа дебатата претставува цивилизирано карање. „Бенефитот од дебатирањето е запознавањето на многу луѓе со кои можеш да разговараш на интересни теми и најголемите поуки ги стекнувам кога тие ќе го побијат мојот став.“

„Најинтересниот дел при дебатирањето ми е е станувањето и побивањето, но најнеинтересниот дел ми е слушањето како другите не се согласуваат со моите факти иако се поточни од нивните!“ низ смеа вели Марија.

 

Христина Цветановска

„Според мене дебатата е многу моќно нешто кое може да направи енормни промени во нечиј живот или и во целиот свет. Квалитетната дебата, на влегувањето во сржта на проблемот е единствен начин за квалитетна промена“, вели Христина.

Раскажува дека главна мотивација да започне да учи како се дебатира е тоа што сакала да најде начин како подобро да го прифаќа мислењето на другите, посебно кога е различно од нејзиното.

„Се разбира дека младината нема ниту чуено за дебата и можеби тоа е еден од проблемите зошто речиси секој средношколец е ‘closed minded’, воопшто не сака да прифати мислење кое не е реплика од неговото, речиси и да не знаат да разговараат, сите конфликти се решаваат со насилство наместо со разговор и најважно од се живеат во темнина. Отстранети од светот, од сите актуелни проблеми кои не засегаат сите нас како иднината  на овој свет“, забележува Христина.

„Верувам дека мојот критички став се издигна на повисоко ниво низ дебатата, дека сега можам многу подобро да селектирам кои аргументи имаат поголема важност и поголема веродостојност и исто така да ги преиспитувам сите “филозофии” кои ни се наметнати“, раскажува таа.

Слично искуство има и Марија. Вели дека благодарение на дебатата има стекнато многу поголема толеранција и самодоверба и не се плаши гласно да го каже своето мислење.

„Иако победив на Националниот натпревар за дебата, ќе кажам дека на почетокот и јас немав храброст, но имав голема желба да научам да зборувам и да се изразувам подобро. Не бев единствената што го сака тоа бидејќи имаше и други деца кои не знаеја да се изразуваат, но самото чувство дека сите заедно сакаме да се подобруваме, не’  обединуваше. На почетокот, кажував по две реченици, а сега можам да држам цели говори!“, заклучува таа.

Затоа и е лута бидејќи дебатата ја нема во формалното образование.

„Треба да се учат децата на дебатирање бидејќи има многумина кои се плашат да го кажат својот став зашто претходно, или од децата, или од професорите, или од општеството, се имаат научено да се затвораат во себе, а според мене тоа не е најубавиот начин да се порасне. Треба да објасниш зошто нешто сакаш и зошто тебе тоа на каков било начин ти влијае. Според мене дебатата е објаснување на одредено мислење кое некако влијае врз личностите и општеството.“

И додека Марија смета дека во Македонија има квалитетна и аргументирана дебата, Христина размислува поинаку.

„Квалитетна дебата во Македонија е термин кој воопшто не постои, дури ниту високи државни службеници не можат да одржат квалитетна дебата (со минијатури исклучоци) и сето тоа е бидејќи никој не обрнува внимание на комуникацијата, формата, култура на дијалог и многу други моменти“, децидна е Христина.

„Не сум во позиција за да кажам дали има голема сцена за дебатирање во нашата земја, но од тоа што имам јас искусено – би рекла дека постои аргументирана и квалитетна дебата во Македонија,“ вели Марија.

Ана Илиева и Стефан Митиќ