Избрани најдобрите дебатери на Националното дебатно првенство 2018

Дебатерките Христина Цветановска и Марија Филиповска се победнички на Националното дебатно првенство 2018 на кое се натпреваруваа дебатери од Скопје, Велес, Тетово, Прилеп и Куманово. Првенството се одржа во  СУГСГ „Јосип Броз Тито” од 22 до 24 јуни, во организација на Младински образовен форум.

Второто место го освоија дебатерките Ана Маркоска, Оливера Каменароска и Стефан Митиќ. За најдобра индивидуална говорничка беше избрана Ана Крстевска, втора говорничка беше Христина Цветановска, а третото говорничко место го освои Јана Петрова.

Главната теза на која средношколците дебатираа беше „Овој дом верува дека пристапот до возачка дозвола и конзумирањето алкохол треба да биде определено според тест на интелегенција наспроти возраст”. Турнирот се одржа во World Schools дебатниот формат, на англиски јазик и истиот опфати 5 прелиминарни рунди, полуфинале и финале.

На турнириот се дебатираше и на уште една импромпту теза (тези кои не се однапред најавени):
„Овој дом верува дека државата треба да забрани уметност создадена од луѓе кои имаат направено неморални акти“.

Целта на турнирот беше да обезбеди простор за напревар за аргументирана дискусија. Во овие неколку денови младите средношколци ги предизвикаа сопствените ставови и дискутираа за одоговорноста што индивидуите ја имаат кон општеството наспроти сопствените права и слободи. Преку истражување, аргументирано изразување и тимска работа, средношколците ги продлабочија своите знаења.

Настанот е организиран од МОФ со поддршка СУГСГ Јосип Броз Тито, и во соработка со Град Скопје. Проектот е финансиран од Фондацијата Отворено општество – Македонија.