Пресврт на „Св. Апостол Павле“ – ДПИ ја поништи одлуката на сенатот, Марина останува ректор

Пресврт на „Св. Апостол Павле“ - ДПИ ја поништи одлуката на сенатот - Марина останува ректорДржавниот просветен инспекторат извршил вонреден инспекциски надзор на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле” во Охрид, по што донел  решение да ја поништи одлуката на последната седница на Сенатот, на која беше разрешена ректорската управа. Според ДПИ, со оваа одлука бил прекршен  Законот за високо образование и Статутот на универзитетот, јавува Телма.

Сенатот на универзитетот на вчера одржаната итна седница го разреши ректорот Нинослав Марина, со образложение дека тој не бил избран согласно законот и нередовно ги извршувал работните обврски. Сенатот ги разреши и и проректорите Братрислав Станковиќ и Тони Стојаноски. Од сенатот тврдат дека Марина бил назначен за ректор во период кога тој немал звање редовен професор, неопходно за извршување таква функција, а кое подоцна го стекнал на универзитетот на Штип.

-Го повикуваме Министерството за образование и министерот  да го укине изборот на д-р Нинослав Марина за редовен професор, и очекуваме набрзо одлуката на универзитетскиот сенат да ја потврди и Централниот регистар. –рече вчера на прес конференција проф. Д-р Рубин Земон, кој беше назначен за претседавач со сенатот.

Во меѓувреме сенатот избра привремена управа која исто така е оспорена од Државниот просветен инспекторат. Членовите на сенатот, меѓу кои има и странски професори, денеска  побараа државата да ја почитува автономијата на високобразовната институција и да го провери финансиското и целокупното работење на управата, која како што беше речено, нередновно ги исплаќала примањата на професорите од надвор, а доцнеле и стипендиите за студентите од странство.

-Универзитетите мора да се целосно одвоени од политиката, власта. Раководството универзитетот мора да го избира самостојно. Оттаму апелирам до надлежните институции да ни дозволат да раководиме со Универзитетот на најдобар можен начин, на чисто академски начин без мешање на политиката.-изјави проф. Илан Садех – член на сенатот на универзитетот.

Ректорската управа, за која сенатот донесе одлука за разрешување, тврди дека целокупната постапка е нелегитимна и претставува обид за неовластен упад во работењето на Универзитетот.

Ова не е првпат да има превирања во најмладиот државен универзитет во земјата, кои во сенка ги ставаат успешните проекти на студентите. Тие и самите во неколку наврати со дописи до медиумите информираа  за недоследности и проблеми во функционирањето на оваа високообразовна институција, но сето тоа остана без реакција од надлежните државни институции, пренесува Телма.