Охридскиот универзитет го тресат разрешувања поради фалсификат

Охридскиот универзитет го тресат разрешувања поради фалсификатНинослав Марина, досегашен ректор на Државниот универзитет по информатички технологии “Свети Апостол Павле” во Охрид е разрешен од оваа функција на која се наоѓаше од септември минатата година. Од универзитетот велат дека одлуката била донесена по скандалот со незаконскиот избор на Марина за редовен професор и после незаконскиот избор за ректор на Универзитет по информатички технологии, „Свети Апостол Павле во Охрид, пренесува Дневник.
“Утврдено е дека бил со наставно научно звање насловен доцент со што ги довел во заблуда членовите на тогашниот Сенат, преку давање на изјава дека прифаќа да биде ректор, иако не ги исполнувал законските и статутарните одредби за таа позиција, односно немал наставно научно звање редовен професор“, велат од Универзитетот „Свети апостол Павле“.

Од Сенатот на Универзитетот информираат дека во неговото досие кое го доставил до универзитетот не можела да се најде нострификација на неговата диплома за титулата – доктор на науки.

Освен Марина, на итна седница на Сенатот на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“  е разрешен и проректорот за наука д-р Тони Стојановски.

Медиумите пренесуваат дека за да функционира Универзитетот во оваа привремена ситуација, Сенатот донел одлука за преседавач на Сенатот да биде избран д-р Рубин Земон а за привремен управител со  Ректорската управа да биде избран д-р Самоил Малчески. Сенатот го повикал и Државниот завод за ревизија во најкус можен рок да изврши ревизија на финансиското работење на Универзитетот.

Како што пренесува Алфа, со соопштение се огласил и кабинетот на Марина – се вели дека ова е обид на група  вработени да извршат упад во работењето на универзитетот. Притоа, се повикуваат на решението од државниот просветен инспекторат во кое се вели дека:  последната седница на Сенатот одржана на 12.03.2013 е поништена  поради прекршување на Законот за високо образование и Статутот на универзитетот. Според ова , Марина и натаму ја извршува ректорската функција, се вели во соопштението.