Tалентираните ученици од тимот „MakBot Pioneers“ ќе ја претставуваат Македонија на Светското првенство во Детроит во САД, организирано од Асоцијацијата за препознавање наука и технологија и од компанијата „Лего“.
Учениците иноватори ќе го презентираат своето иновативно решение – робот што извршува задачи од областа на хидродинамиката. Роботот во облик на коцка е составен од лего коцки и содржи четири мотори и три сензори. Својата иновација денеска ја претставија во Фондот за иновации и технолошки развој кој ги обезбеди парите за авионските карти до Детроит, а разговараа и со премирот Зоран Заев.
Тимот „MakBot Pioneers“ е составен од девет ученици од сите основни и средни училишта од Кочани. Тимот функционира во склоп на СОУ „Гошо Викентиев“ и работи како дел на кабинетот по роботика. Младите кочанци претходно го имаат освоено првото место на натпревар во Србија со што се пласирале и на АДРИА лигата во Словенија каде исто така биле наградени.