Се уште не се најде јунак што ќе ги собере капачињата за инвалидска количка

„Има ли нешто ново? Акцијава има супер одзив, собрани се многу капачиња, навистина е жално да пропадне целиот проект. Каде е заглавена работата? Како може да се помогне?“

Ова е последниот пост објавен на ФБ страницата „Едно капаче – една надеж“, преку која се координараше  истоимената акцијата што наиде на сериозен одзив кај граѓаните. Тие со месеци собираа пластични капачиња за, како што беше најавено, со парите од нивното рециклирање да се купи инвалидска количка за семејства што не можат да си ја дозволат. Ова прашање е поставено вчера, но нема одговор, исто како и на слично прашање поставено пред цел месец.

Во вторникот се обидовме да исконтактираме со Македонската медицинска студентска асоцијација (ММСА), која е организатор на акцијата, а чиј претседател е Онур Дика. Тој не се јавуваше на мобилниот број, па комуникацијата продолжи исклучиво на Фејсбук. Од ММСА прво појаснија дека претседателот во тој момент бил во странство,  а проектот се уште стагнира поради логистички причини. Напишаа дека капачињата стојат во деканатот на нивниот факултет бидејќи нивните канцеларии се реновираат, а дел додаваат, и по домовите на нивните волонтери.

Малку подоцна ММСА го сменија тврдењето, па напишаа дека штотуку добиле информација од фирма што ќе ја опфати цела логистика за проектот, но недостасувала една дозвола од Министерството за животна средина. Не поканија и да ги посетиме, но иако неколкупати побаравме, не ни беше даден контакт за комуникација со личност од ММСА, па комуникацијата продолжи со ФБ профил. Нешто подоцна најавија дека во петок треба да почне собирањето капачиња.

„Сепак собирањето на капачиња треба да започне утре, но не сакаме да ја објавиме информацијата додека не дојдат. Претходниот пат така не лажеа (од фирмата) дека ќе дојдат да ги земат, а не доаѓаа“, напишаа од ММСА.

Им побаравме и добивме контакт од посочената фирма, па се обративме и таму за да прашаме во што е проблемот. Оттаму објаснија дека пред еден месец добиле усно барање за соработка за проектот со капачињата, но соработката воопшто не почнала.

„Ние во проектот не сме инфволвирани во никаква форма. Имавме начелно неформална информација, преку колега, дека би било добро да има поддршка и од наша страна, но со оглед на тоа што ниту проект идејата ја знаеме, ниту начинот на функционирање на истата. ниту принципот на работа, побаравме дополнителни информации за да ни се испрезентираат проектот, за да видиме во кој дел би можеле да земеме учество. И тука затана се“, појаснија за Радио МОФ од компанијата од каде замолија да останат анонимни бидејќи велат оти немаат никаква поврзаност со капачињата.

По молк од најмалку еден месец, а веднаш по објавувањето на текстот на Радио МОФ, одговорните од „Едно Капаче-Една Надеж“ соопштија дека е прекинато собирањето капачиња и имаат проблем со нивниот транспорт, складирање и рециклирање.

Според последната објава на ФБ страницата „Едно капаче – една надеж“ , во јули, повеќе од 2 тона капачиња стојат во просториите на ММСА. Замолија граѓаните да ги зачуваат собраните количини се додека не го решат проблемот.

Проектот „Едно капаче – една надеж“ се одвива неколку години, но последнава доживеа вистинска експанзија. Идејата беше граѓаните да ги собираат капачињата од пластичната амбалажа, да ги носат до пунктовите за собирање, а потоа со парите од нивното рециклирање да се купат инвалидски колички кои ќе се донираат на семејства што немаат пари да ги купат. Како што најавија од ММСА, нивниот проект предвидувал капачињата да се откупуваат во Турција, поради поволните цени.

Капачиња се собираа низ цела држава, во училиштата и градинките, општините, кутии се поставуваа на јавни јастани. Но иако јавноста сака да дознае што се случува со капачињата и дали се набавени количките, организаторите се уште молчат.

Ј.Ј.