Индијанските племиња со шатори во Вашингтон, протестно ќе маршираат до Белата куќа

Членови на индијанските племиња од Соединетите Американски Држави пристигаат во Вашингтон за протести кои ќе траат четири дена, за да апелираат за нивните права и да ја подигнат јавната свест за проблемите со кои се соочуваат американските Индијанци.

Демонстрациите веќе почнаа со поставување индијански шатор во близина на споменикот Вашингтон Монумент, а ќе се одржуваат и културни работилници. Протестите завршуваат во петок со марш до Белата куќа и собир на Плоштадот Лафајет.

Маршот го предводат Племето Сиукс од Стендинг Рок, Мрежата за животната средина на домородното население и Алијансата на домородни организации, а следува по долгогодишната борба на екологистите и Индијанците од Стендинг Рок Сиукс против конструкцијата на нафотофодот Дакота Аксес. Протестите против изградбата на нафтоводот минатата година ги обединија Индијанците од стотина племиња во Резерватот Стендинг Рок во Северна Дакота и поттикна движење за правата на домородното население.

Племето се противи на нафтоводот, кој треба да биде долг околу 1900 километри, бидејќи поминува по терен на кој се закопани нивните претци, а истовремено претставува и закана за снабдувањето со вода бидејќи поминува во близина на Реката Мисури, на километар од резерватот на племето.

Во декември, претседателот Барак Обама времено го запре проектот вреден 3,8 милијарди долари, но, новиот американски претседател Доналд Трамп по преземање на функцијата, преку указ повторно дозволи негово комплетирање.

Потегот на Трамп предизвика револт кај водачите на племето, кои велат дека не биле соодветно консултирани на проектот за нафтоводот. Дејвид Арчамбалт II, предводник на Стендинг Сиукс Рок минатиот месец отпатувал за Вашингтон за да се сретне со претставници на Белата куќа и да ги даде своите аргументи за стопирање на проектот, но, бил информиран дека конечната одлука за одобрување на проектот била донесена додека бил по пат.

Племињата се надеваат дека ќе успеат преку судски пат да ја спречат последната фаза од изградбата на нафтоводот која е во тек.