Протестите спречија изградба на нафтовод врз индијански резерват во Северна Дакота

Индијанското племе Сиукс од Стендинг Рок во Северна Дакота и нивните приврзаници вчера прославија историска победа, откако федералните власти во Соединетите Американски Држави ја сопреа изградбата на контроверзниот нафтовод на „Дакота Акцес“ кој требаше да се гради на територијата на индијански резерват.

Американскиот армиски инженерски корпус соопшти дека нема да дозволат прокетот за изградба на нафтовод да поминува под езерото Оахе во Северна Дакота и дека ќе се истражуваат други, алтернативни локации преку кои тој би поминувал.

Одлуката следува по неколкумесечните протести на припадници на племето Сиукс, активисти за човекови права и еколози, кои се спротиставуваа на изградбата на нафтовод на таа локација. Нивниот револт беше дека тој проект ќе предизвика загадување на водата, уништување на природата и би ги оштетил местата од културно и историско значење за домородното население. Демонстрантите, за време на протестите, неколку пати се судрија со полицијата.

Сепак соопштението не е целосна победа за граѓаните кои протестираа. Додека се ближи крајот на мандатот на администрацијата на Обама, не се знае дали оваа одлука ќе ја почитува и администрацијата на новиот претседател Доналд Трамп, кој јавно ја поддржува изградбата на нафотводот и поседува акции во компанијата која го спроведува проектот.

„Ништо не е завршено, но ова се многу добри новости. Сите староседелци се молеа за мирно решение од самиот почеток и ова не враќа на добар правец. Од самиот старт, племето Сиукс од Стендинг Рок бараа целосна анализа која би ги вклучила и заканите по водата, животната средина, како и социјалните и културните влијанија. Мирот, молитвата и заштитниците на водата не доведоа до правилна разрешница“, изјавил Брајан Кладусби претседателот на Националниот конгрес на Американските Индијанци.

Нафтоводот треба да биде долг скоро 2 илјади километри и дневно да пренесува околу  470 илјади барели нафта под реката Мисури. Протекување, дефект или неправилност би значело загадување на водата за пиење која ја користи населението на американски староседелци кои живеат во околината.