Според податоците на Државниот завод за статистика, во третото тримесечје од 2016 година активното население во Република Македонија брои 949 944 лица од кои вработени се 727 985, а 221 959 лица се невработени, односно, стапката на вработеност е 43,4 отсто , додека стапката на невработеност изнесува 23,4 отсто.
Овие бројки, споредени со ланските, покажуваат благо намалување на невработеноста, односно таа е намалена за 2,1 отсто.
Најголем процент на невработеност има кај младото население од 14-24 години, или поточно, од вкупно 273 461 млади луѓе, 48 159 се вработени, додека 41 685 лица немаат работно место, а со неактивен однос се вкупно 183 617 лица. Ова значи дека речиси половина од младите во државата се невработени.
Но, податоците на Заводот за статистика покажуваат и дека во континуитет се намалува младото население. Па така, во рок од само една година, младото население се намалило за повеќе од 6 000 лица, односно, во 2015 година, младото население изразено во бројки изнесувало 280 901 луѓе.
Покрај ова, невработеноста кај лицата на возраст од 25 до 49 години, изнесува 23, 1 отсто, а на оние на возраст од 50 до 64 години 16,1 отсто.
Најголем дел од вработените се во преработувачката индустрија, во земјоделството и во трговијата со 105.201 лице, но наспроти ова, најмногу неплатени семејни работници има во земјодлеството вкупно 45 050 лица и во трговијата 2 228 лица.
Според образованието, најголема е стапката на невработени со четиригодишно средно образование 99 954 лица и со високо образование 39 237 лица како и кај оние со основно образовани вкупно 46 831 лица.
Од вкупниот број невработени 61,7 отсто се мажи, а 38,3 отсто жени.