Започна рочиштето за Павле Богоевски, пред судот се собраа граѓани за поддршка на активистот

Активистот на Шарената револуција, Павле Богоевски, само што влезе на второто рочиште во Основниот суд Скопје 1, каде по втор пат се собраа граѓани за негова поддршка, но и за да искажат револт кон Основното јавно обвинителство (ОЈО) кое го товари за учество во топла што ќе изврши кривично дело.

Богоевски по претходното рочиште нагласи дека Обвинителството на Марко Зврлевски продолжува да го игнорира вистинскиот криминал во државата. Потенцираше дека бил дел од она што ОЈО го нарекува „толпа“, но не признава вина за стореното поведение. По дефиниција, според активистот, вина е општествен прекор.

„Не може да ме прекорува општеството чиј правен систем дозволува здружението на Груевски 10 години да ја силува правдата во оваа држава и да ја киднапира секоја пора во нашето општество. Ќе прифатиме одговорност за своите постапки, но само кога Груевски и другите инкриминирани во објавените разговори ќе прифатат одговорност во судницата до мојата“, рече Богоевски.

Инаку, минатиот пат судењето беше одложено бидејќи во обвинителниот предлог недостигала висината за материјалната штета врз објектот на Министерството за култура. Оттука, за денеска се очекува во судницата да присуствува и лице од ова Министерство, кое би дало исказ околу штетата.