Павле Богоевски: Судењето одложено за 14 ноември, обвинителниот предлог е обид за политички прогон

Се надевам дека самата постапка, како и досега, ќе продолжи без некакви очигледни влијанија. Во однос на обвинителниот предлог, тоа што можев да го забележам, особено по денешното рочиште, не само што е обид за политички мотивиран прогон на луѓе кои протестираат, туку е катастрофално спремен и правно неиздржан. Обвинителството се дрзна да покрене постапка без претходно да биде определена штетата“, рече истакнатиот активист на Шарената револуција, Павле Богоевски откако излезе од судот.

Богоевски даде изјава пред Основниот суд Скопје 1, каде приврзаници на Шарената револуција од 11 часот се собраа за негова поддршка, а истовремено да искажат револт на Основното јавно обвинителство кое го обвини за „учество во толпа што ќе изврши кривично дело“.

Активистот потврди дека судењето е одложено за 14 ноември. Тоа, според него, во принцип не претставува никаков проблем, но нагласува дека претставува одовлекување, малтретирање и трошење на времето на целата јавност со други посуштински прашања.

„Во меѓувреме, Обвинителството на Зврлевски продолжува да го игнорира вистинскиот криминал во државата, продолжува да постапува искучиво по налог на претседателот на партијата. Но, добро е што се собравме овде, во добар број за да кажеме дека: Се додека нема правда, нема мир“, рече Богоевски.

Причина за денешното одложување е тоа што Јавното обвинителство од технички причини не овозможи сослушување на претставник на Министерството за култура, кој треба ќе се произнесе за висината на нанесената штета.

„Дали ќе биде релевантен исказот (на претставникот на министерството) – тоа го цени судот, не можам да се произнесам. Меѓутоа, недостасуваше суштински елемент – висината на штетата. Без нејзино утврдување и прецизирање, не може да се подигне обвинение и да се води постапка за ова дело (учество во толпа)“, рече адвокатот Сашо Дуковски.

Според Уранија Пировска од Хелсиншки комитет, ова е постапка кон сето она што претставувало револт на граѓаните против криминалната власт. Потсетува дека уште претходно повеќе личности биле поканети на информативни разговори. Но, вели таа, оваа власт нема никаква основа да ги гони оние кои ја критикуваа, кои го изразуваа револтот за сите години несреќа што ги дожиеа народот на Република Македонија.

„Ги слушнавме снимките, а сега тие предложуваат снимки од куѓе кои фрлале боја врз Министерство на култура и други објекти во Скопје. Што стана со снимките кои ги слушна цела Македонија – за корупција, за злоупотреба на службена позиција на речиси сите министри во владата? Ова е нелегитимен процес. Ова е процес против народот“, рече Пировска.