УНХЦР: Насилството кон бегалаците и мигрантите е погрешно, независно од условите

Загрижува вчерашното насилство на границата помеѓу Грција и Македонија кај Идомени и користењето солзавец во големи размери , велат од УНХЦР. Како што наведува портпаролот на УНХЦР Адриан Едвардс, сите треба да се загрижени за одговорот на Европа на состојбата со бегалците и мигрантите.

„Многупати во изминативе месеци гледавме како се случуваат тензии на различни европски граници, помеѓу безбедносните сили од една страна и луѓето што бегаат од војна и на кои им треба помош од друга страна. Се повредуваат луѓе и се уништува имот. Се нанесува штета на перцепциите за бегалците исто колку и на имиџот на Европа. Сите губат“, се наведува во соопштението на УНХЦР.

Оттаму потсетуваат дека во текот на изминатите денови, вниманието на медиумите и јавноста е насочено кон начинот на спроведување на договорот помеѓу ЕУ и Турција на егејските острови и во Турција. оттаму додаваат дека дека не треба да се заборават бегалците и мигранти коишто се засегнати од ситуацијата, посебно речиси 46.000 лица на грчкото копно коишто пристигнаа пред да стапи договорот во сила.

Во Идомени, околу 11.000 лица спијат веќе повеќе недели на отворено во невидено тешки услови коишто ги поттикнуваат на безнадежност и очај. Од УНХЦР појаснуваат дека се подготвени да го поддржат доброволниот трансфер на лица кон центрите коишто ќе ги подигне грчката влада, заедно со потребните услуги за време на регистрацијата и процесирањето. Според Агенцијата, како дел од поширокото решение треба да се релоцираат оние коишто се квалификуваат за меѓународна заштита во други држави на ЕУ, нешто што е договорено пред многу месеци.

„Потребно е делување. Насилството е погрешно какви и да се условите. УНХЦР се надева дека Европа ќе ги преземе потребните чекори сега и остануваме подготвени дополнително да им помогнеме на владите да ги исполнат своите обврски кон бегалците“, се вели во соопштението на УНХЦР.