Нереди и солзавец за бегалците на грчката граница

Македонската полиција денеска употребила солзавец за да ги натера стотиците мигранти, кои во стампедо тргнале кон македонската територија, да се повлечат од граничната ограда, јави Ројтерс, повикувајќи се на изјава на очевидец. Солзавецот бил насочен кон групата од повеќе од 500 луѓе кои се наоѓаат во кампот Идомени. Извор од грчката полиција за Ројтерс рекол дека во пошироката област на бегалскиот камп имало тензии.

Стотиците бегалци кои утринава тргнале од кампот Идомени, фрлале кон полицијата со тврди предмети и ја корнеле оградата, обидувајќи се да влезат на македонска територија. Македонските полицајци и припадниците на армијата се во голем број распоредени долж граничниот појас, а според неофицијални инфомации, во претпладневните инциденти има и повредени полицајци.