93 проценти од Големиот корален гребен се оштетени, се заканува уништување

Околу 93% од површината на Големиот корален гребен кај Австралија, една од најважните природни средини за огромен број животински и растителни видови во јужните мориња, е зафатена со ткн. „избелување“, соопшти тимот научници кој ја следи состојбата на Гребенот.

Овој процес се случува кога коралите, под притисок на растечката темпратура на морето, ја истиснуваат алгата, чие што присуство им ја дава карактеристичната боја. Ова е досега најголемо забележано оштетување на Големиот корален гребен, а доколку процесот не запре, можно е целосно уништување на коралите, што би имало катастрофални последици по екологијата во Тихиот океан, велат научниците.

Според истражувањето, обемот на оштетувањето е најголем во северниот дел од Гребенот долг 2 300 километри, кој се наоѓа кај австралиската држава Квинсленд.

Нема дилема дека ефектите на метеоролошкиот феномен Ел Нињо, како и глобалното затоплување воопшто, се причината за ова оштетување на коралите, вели професорот Тери Хјуз, кој го спровел истражувањето.

Големиот корален гребен  е најголемата структура на Земјата создадена од живи организми, а тој се гледа и од Вселената. Во 1981 година, Обединетите нации го заштитија Гребенот како природно наследство, а ЦНН го прогласи за едно од седумте светски природни чуда.