900 семејства можат да субвенционираат плински уреди за возило – мерка на Владата против загадувањето

Оние што ќе вградат плински уред во возилата ќе може да се добијат субвенција од Министерството за економија во висина од 50 отсто од цената, но не повеќе од 300 евра.

Како што се наведува во објавениот повик, субвенционирањето ќе важи само за едно возило по семејство.

Министерот за економија Крешник Бектеши кажа дека ова е во рамки на проектите за борба со аерозагадувањето, па со ребалансот на Буџетот за оваа намена се одвоени 15 милиони денари или 250.000 евра.

Тоа значи дека субвенции ќе има за 900 пријавени.

За да добијат субвенции, сопствениците на возила произведени од 2005 година па наваму, треба да извршат купување и вградување на уред за погон на ТНГ, метан или друг вид на алтернативно гориво во возилата, по денот на објавување на Јавниот повик, во некој од фирмите кои вршат продажба и вградување на таквите уреди.

„Со така преправеното возило сопственикот треба да се упати во Техничка служба која ќе ја констатира преправката и сопственикот ќе биде упатен во МВР каде треба да се пријави преправката. Во МВР на сопственикот му се издава упатница, која ја доставува до техничката служба, за да биде извршена проверка на сообразноста на направената преправка. Техничката служба го прегледува возилото, изготвува записник и издава потврда за сообразност на вградениот уред (познатa како АТЕСТ) и пропратно писмо. Со Потврдата и писмото, сопственикот се упатува на шалтер на МВР (во техничката служба или станица за технички преглед) каде добива нова сообраќајна дозвола во која е евидентирана преправката односно дека е монтиран уред за погон на ТНГ, метан или слично“, рече Бекреши.

Субвенционирањето ќе се врши по принципот „прв дојден, прв услужен“.