90% од луѓето имаат предрасуди кон жените, покажа ново големо истражување

Истражување во 75 светски држави покажало дека 9 од 10 луѓе имаат одредени пристрасности и предрасуди против жените, според нов индекс кој го прикажува огромниот јаз во родовата нееднаквост.

Иако е постигнат одреден напредок во затворање на овој јаз, дури 91% од мажите и 86% од жените имаат барем една предрасуда кон жените во врска со нивните политички, економски, образовни и репродуктивни права и во врска со родово базираното насилство.

Првиот Индекс за родово социјални норми, кој го изработи Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП), кој анализира податоци од 75 земји, во кои се наоѓа 80% од светската популација, покажува дека половина од луѓето сметаат дека мажите се супериорни политички лидери, а повеќе од 40% веруваат дека мажите се подобри бизнис директори. Скоро третина од мажите и жените сметаат дека е дозволиво маж да ја тепа неговата жена.

Од УНДП ги повикаа владите да воведат закони и политики со кои ќе се адресираат овие длабоко вкоренети предрасуди.

„Сите знаеме дека живееме во свет доминиран од мажи, но со овој извештај можеме да ставиме бројки на овие предрасуди. А бројките, за мене се шокантни“, вели Педро Консеисао, директор човечки развој на УНДП.

Според него податоците покажуваат дека перцепциите и очекувањата во општеството околу улогата на жената се основата на предрасудите кон нив.

„Иако во голем број земји овие пристрасности се намалуваат, во многу други земји се зголемуваат. Ако го земете целосниот просек од информациите со кои располагаме, тие покажуваат дека назадуваме – дека предрасудите, наместо да се намалуваат, растат“, додава Консеисао.

Од 75-те анализирани држави само во шест од нив, Андора, Австралија, Холандија, Нов Зеланд, Норвешка и Шведска, мнозинството луѓе немале предрасуди кон жените. Но, дури и во овие земји податоците покажуваат дека шаблоните не се движеле кон целосен прогрес по овие прашања.

Шведска, на пример, заедно со Јужна Африка, Индија, Руанда и Бразил, се група на земји каде процентот на луѓе кои имаат барем една предрасуда се зголемил во периодот од девет години колку што биле опфатени во податоците.