9 од 10 граѓани домашните платежни картички ги потрошиле во маркети

Со домашните платежни картички граѓаните најмногу купувале во маркетите, а најмалку во книжарниците, покажува статистиката која ја објави Министерката за финансии, Нина Ангеловска.

Заклучно 1 август преку 300 илјади македонски граѓани на овие картички потрошиле 23 милиони евра. Од оваа сума 89% биле потрошена во маркетите, скоро 4,7% во рестораните, 2,9% за облека, 2,3% во аптеките и нешто над 1 процент во сите останати дејности заедно.

Со картичките реализирани се над 1,7 милиони транскации, а Ангеловска потенцира дека ова се средства кои се вбризгани во домашната економија преку купување македонски производи и услуги.

„Домашнaта платежна картичка има повеќекратен бенефит за граѓаните и економијата: ја поддржува приватната потрошувачка, ги поддржува домашните производители и услужни дејности, придонесува за раздвижување на економската активност и придонесува за безготовинско плаќање“, напиша Ангеловска.

Граѓаните-корисници кои ја немаат подигнато својата домашна платежна картичка можат тоа да го направат најдоцна до 15 август – кога е крајниот рок за користење на овие картички.

Домашната платежна картичка е дел од третиот сет економски мерки на Владата. Целта со оваа мерка, според нив, е да се поддржат граѓаните, но и домашното производство и услуги во надминување на Ковид-19 кризата.