82% од Европејците поддржуваат задолжителна вакцинација

Задолжителната вакцинација ја поддржуваат 82% од Европејците, најголема поддршка по однос на ова прашање има во Шпанија 94%, најмала во Швајцарија, односно, 70%, а во Србија која е единстената држава од регионот во истражувањето, 78% од испитаниците се за задолжителна вакцинација, покажува истражувањето на групата „Штада“, пренесува „Ал Џазира Балканс“.

Истражувањето е спроведено од февруари до март, а во него беа вклучени по 2.000 испитаници од Австрија, Белгија, Германија, Финска, Франција, Италија, Полска, Русија, Србија, Шпанија, Швајцарија и Велика Британија.

Во рамки на истражувањето, меѓудругото, беше испитувано и за тоа што луѓето во Европа мислат за лекувањето преку видео-камера, задолжителната вакцинација, генската терапија и конвенционалната медицина.

Дополнителното истражување на групата покажало дека 42% од испитаниците биле загрижени поради немањето вакцина против коронавирусот, а 50% од нив стравуваат дека некој нивен близок ќе се зарази со вирусот и ќе умре.