Македонија заглавена на крстосница во освојување на граѓанските слободи

Осумстотини години од донесувањето на Големата повелба на слободата, позната уште како Магна карта, а Македонија се уште е заглавена на крстопат дали ќе тргне по патот на овој уставен документ, изјави професорот Гордан Калајџиев од Правниот факултет во Скопје на денешната панел дискусија „Освојување на граѓанските слободи: Од Магна Карта до Карта Македонија“.

„Среќа за Македонија, среќа за сиот народ што Европската конвенција се наметна како многу важна повелба, бидејќи не е толку важно правата да се интегрерираат колку што е важно тие да се остваруваат со независно судство“, смета Калајџиев.

„На судовите им дадовме големи гаранции во законите што следуваа, а имаме многу малку резултати. За жал, ги немаме потребните алатки. Ние немаме граѓанска култура и свест што на некој начин ќе биде контролор врз овие состојби во судството“, додаде тој.

На панелот, организиран од Асоцијацијата на Чивнинг стипендисти во Македонија, свои обраќања имаа амбасадорот на Обединетото Кралство Чарл Гарет, како и министерот за правда Аднан Јашари. И двајцата ја потенцираат важноста на овој документ.

Магна карта не е само документ, тоа е зачувување на голем број вредности на цивилизацијата давајќи му право на секој човек да живее еднакво, секој човек да има можност за фер судење, владеењето на правото строго да се почитува и никој да не биде под некој владетел. Тоа е повелбата пред 800 години“, посочи Гарет.

Според британскиот амбасадор, содржината на Магна Карта е важна за Македонија.

„Политичката криза нагласи дека потребно е да се направи нешто, а за да се случи тоа, потребно е многу поголема одговорност. Секој има одговорност, луѓето треба повеќе да бараат, а властите да работат подобро“, рече Гарет.

Министерот за правда Јашари пак, ја потенцираше улогата на овој уставен акт.

„Со овој документ започна политичката реализација на идејата за човековите слободи во рамки на националната држава. Во овој документ за првпат се наведени слободи и права. Иако е донесен пред 800 години, тој претставува никулец за уставното право, бидејќи се смета за камен темелник за човекови права и владеење на правото“, нагласи Јашари.

Во рамки на дискусијата, извршниот директор на Комитетот за Магна Карта Марк Гил, се осврна на историјата на повелбата, нагласувајќи го влијанието кој овој документ го имал врз останатите документи.

Наташа Габер-Дамјановска, судијка во Уставен суд на Република  Македонија пак се обиде да одговори на прашањето дали граѓанските слободи се заштитени.

„Нивната заштита во голем дел зависи од спремноста на државната власт да одговори на своите уставни закони, но исто така ефектот зависи и од општествените процеси кои директно влијаат врз законските решенија . Треба да се запрашаме дали навистина тоа се случува“.

Таа посочи дека законските рамки најчесто не се исполнуваат во пракса, или во законската рамка се внесуваат решенија кои се косат со генерално со заштита на овие права и делуваат спротивно од прокламираното. Како пример го посочи масовната дискриминација при вработувањето, каде и покрај уставната определба, се забележува партиска припадност.

Е.П.