[Фото] 8.372 филџани кафе за жртвите од геноцидот во Сребреница

8.372 филџани кафе се поставени на местото каде во јули 1995 година беше извршен геноцидот во Сребреница во кој страдаа преку 8 илјади Бошњаци.

Овие кафиња кои ќе останат неиспиени се дел од уметничката поставка наречена „Што те нема“ на уметницата Аида Шеховиќ, која дава малку поинаков поглед на бројот на жртвите од геноцидот, како и за емоциите на нивните семејства и блиски кои останале без своите најмили.

Со уметничката инсталација започнала пред 15 години кога, откако ја слушнала приказната за жена од Сребреница, која раскажала како нејзиниот сопруг, кого го изгубила за време на геноцидот во Сребреница, најмногу и’ недостасувало кога требало да пијат кафе.

Првата инсталација, која се состоеше од 923 чаши, а која ги собра благодарение на Здружението на жени од Сребреница, ја постави на 11 јули 2006 година во Башчаршија во Сараево. По ова, низ годините изложбата прошета низ неколку држави, а бројот на чашите со кафе се зголемуваа.

Оваа поставка за првпат доаѓа во Сребреница по повод 25-годишнината од геноцидот, кој се одбележува денеска. Проектот ќе остане трајно на оваа локација во нејзината последна форма.

Комеморацијата во Сребреница започна со интонирање на химната на Босна и Херцеговина во заштитената зона на Обединетите нации во овој град. Повеќе од 35 претседатели и премиери снимиле видеопораки кои ќе бидат емитирани во рамките на одбележувањето на еден од најголемите злостори по Втората светска војна.

Поради пандемијата со коронавирусот, на настанот нема физички да присуствуваат државни делегации, како и учесниците на Маршот за мир 2020.

Вчера и активисти од Мировната група „Жени во црно“ заедно со уметничкиот колектив „Шкарт“, театарот „Дах“ на плоштадот „Република“ во Белград ја одбележаа 25-годишнината од геноцидот во Сребреница, пренесе босански „Кликс“.

Групата стоеше на плоштадот во Белград од 19 часот и 30 минути држејќи транспаренти со бројот на жртви и со натписот „Одговорност“.

На себе, тие носеа бели шалови, а на земјата оставија бели ружи во знак на сеќавање на жртвите. Активистите чиј перформанс траеше еден час рекоа дека ова е нивен начин да им оддадат почит на сите кои го загубиле животот во Сребреница.