„Дојде момент на збогум. Навистина се движиме по тенката линија од бездната од која нема враќање. Не знаеме како понатаму. Постојано мислиме ќе се најдат повеќемина што ќе ни помогнат да ја продолжиме мисијава, но никако да ги најдеме“. – Вака гласи последната објава на социјалните мрежи на здружението Шепасти ентузијасти кои згрижуваат бездомни кучиња.
Оттаму соопштија дека со долг од 666 708 денари кој треба да го подмират за една недела, завршува приказната на Шепастите. Седумте волонтери кои помогнале на 250 кучиња, од кои голем дел вдомени во Англија, Германија, Белгија, Франција и Македонија, сега уште повеќе бараат поддршка од граѓаните.
„Во моментов имаме згрижено 107 кучиња, три мачиња и еден овен. Петнаесет од нив веќе имаат дом и чекаат да патуваат во Англија, a доколку не ја собереме потребната сума би значело дека 70 здрави единки кои се стерилизирани и целосно вакцинирани ќе се пуштени повторно на локацијата каде што се најдени. Повеќето кучиња се од Скопје, но имаме кучиња и од другите градови“, велат тие за Радио МОФ.
Шепасти ентузијасти ги згрижува болните кучиња, оние кои не можат сами да се снајдат на улица, или пак кучиња од кои соптвениците се откажуваат.
„Најчесто земаме кучиња кои се за стерилизација со цел да ја намалиме енормната бројка во нашиот град, затоа што сметаме дека има и повеќе од доволно бездомни животни кои се малтретирани од одредени групи на наши сограѓани секој ден. Кутрињата ги земаме од локација пријавена најчесто на социјалните мрежи, веднаш ги носиме на ветеринарен преглед за да им ја пружиме потребната нега и грижа. Потоа ги сместуваме во приватни стационари каде што продолжуваме со терапијата и доколку се е во ред со нив ги нудиме за вдомување“, појаснуваат од здружението.
Волонтерите се грижат за посета на кучињата во стационарите, пресметки и финансии, носење на кучињта на ветеринарни прегледи, вдомување, но и комуникација на социјалните мрежи.
„Тешко ни е затоа што сите ние сме вработени, па сите овие обврски треба да ги завршиме вон работното време, а тоа е многу кратко, сепак и ние имаме фамилии и приватни обврски кои не можат да останат незавршени“, велат тие.
Во однос на вдомувањето, од Шепасти ентузијасти сметаат дека луѓето не се спремни и не знаат што ги чека кога ќе дојде нов член во фамилијата во нивниот дом.
„Поради тоа ние спроведуваме анкети и се обидуваме да им објасниме што значи да вдомиш миленик и колку одговорност си носи таквиот чин. Имаме и прекрасни вдомувчи тука, кои се грижат преубаво за своите миеници вдомени преку нас. Но, има и такви кои ни ги враќаат после некоку дена, сепак не секој е спремен и знае што значи да вдомиш миленик“, се потсетуваат тие.
Ова здружение беше меѓу гласните за подобрување на благосостојбата на бездомните животни. Оттаму би сакале да кажат дека работите одат на подобро, но според нив, ситуацијата е далеку од тоа.
„Пред одредено време, баравме да се затвори Вардариште поради ужасните услови кои ги нудеше и да се отвори нов стационар кој би функционирал по сите европски стандарди за благосостојба на животните, но за жал еве две години подоцна од затворањето на Вардариште, новото ЈП Лајка не проработе се уште, што нам дополнително ни ја отежнува работата. Впрочем, бездомните животни на територијата на Град Скопје моментално се оставени на здруженијата и активистите за заштита на животните, па ние сме тие кои вршат стерилизации и ја намалуваат бројката на бездомни единки. А помош од институциите одговорни за овој проблем немаме никаква, за жал“, велат од здружението.
Тие уште еднаш упатија апел до граѓаните да се грижат за своите миленици и да ги стерилизираат, а не да ги фрлаат на улица. До надлежните, пак, порачуваат да почнат да даваат субвенции за стерилизации на домашните миеници и како што велат, конечно да почнат да ја ценат работата на Здруженијата за заштита на животните и да им помагаат финансиски и логистички.
„Само заедно можеме навистина полека да почнеме да ја средува состојбата со бездомните животни по улиците. Затоа што без нас веројатно би имало 10.000+ бездомни животни по улиците“, велат од Шепасти ентузијасти.
Оттаму посочуваат дека со коронакризата потешко оди и донациите се намалиле, па така и стигнале до овој огромен долг од речиси 11 000 евра, кој мора да го подмират оваа недела.
„Досега стигнавме да собереме половина од потребната сума, па поради тоа и отоворивме fundraiser на Фејсбук на кој можете да донирате или на нашите сметки подолу, доколку сакате да продолжиме со нашата мисија и цел. И сакаме да напоменеме дека ние не земаме пари од ова, туку исто како и нашите сограѓани кои ни помагаат двоиме од својот фамилијарен буџет“, стои во апелот на здружението.
Емилија Петреска