70 инциденти и дела од омраза регистрирал Хелсиншкиот комитет во 2017

Седумдесет инциденти и дела од омраза регистрирал Хелсиншкиот комитет за човекови права во 2017 година. За најголем дел од нив (35 инциденти) основ била политичката припадност, а во 30 националноста. Најмногу од делата, 34, биле насилство, во 30 имало оштетување имот, додека во 30 дела имало телесни повреди.

Овие податоци, содржани во Извештајот на Хелсиншки комитет за криминал од омраза, според Уранија Пировска, укажуваат на фактот дека многу се зборува за надминување на стереотипи и спречување говор на омраза, а многу малку се прави во пракса.

Најчесто жртви се млади луѓе, а процентуално и сторители и жртви се подеднакво припадници и на македонската и на албанската етничка заедница.

„Ова зборува дека државата не вложува доволно во едукација и образование, во развивање на толеранцијата, разбирањето и соживот со другите етнички заедници“, рече Пировска.

Според Хајди Штерјова-Симоновиќ, од Хелсиншкиот комитет потребно е и институциите и граѓаните да се научат да ги препознаваат ваквите дела.

Како дела од омраза, од Хелсишнкиот комитет ги сметаат и настаните од 27 април, на кои, како што посочуваат им претходел говор на омраза, но и убиството на навивачот на „Комити“, Никола Саздовски.