650 лица во Македонија без лична идентификација, Владата разгледува два модела за регулирање на нивниот статус

Преку Управата за матични книги, или преку вонпарнична судска постапка ќе се решава проблемот на 650 луѓе во Македонија, кои претходниов период се регистрирале како лица без лична идентификација. Ова беше темата на дискусијата во Владата за избор на меѓу двете понудени опции како системско решение како овие лица ќе дојдат до извод, матичен број и сите останати документи за остварување на своите права.

Професорот Борче Давитковски, од Правниот факултет „Јустинијан Први“ рече дека Македонија е една од ретките земји кои сè уште ја немаат правно регулирано оваа сфера. Заедно со УНХЦР и ОБСЕ изработиле анализа во кој се нудат двата правци за решение на овој долгогодишен проблем. Првиот, преку вонпарнична постапка за утврдување на граѓански идентитет, кој, како што кажа Давитковски, се применува во соседството, но постапките траат од 4 до 6 години и судската власт во Македонија не е расположена да го спроведува. Вториот би бил преку измена на постојниот закон за Матична евиденција преку кој Управата за матични книги би ги отврдувало фактите и би донеле решение за лицата да бидат запишани во матичната книга на родени, а потоа и да добијат матичен број и државјанство од Министерството за внатрешни работи.

„За жал, овие лица не можат да остварат ниту едно елементарно право. Се надевам дека со малку напор, некои прописи може да се сменат и до нова година. Изборот на решението останува на Владата. Ние изработивме одредени драфт-предлози кои ги доставивме до Владата и се надевам дека еден од овие решенија многу брзо ќе се најдат во владина и собраниска процедура и да го отстраниме овој срам, да не бидеме црна дупка во Европа и да го решиме проблемот на овие луѓе да го добијат она што им треба. Тие се жители на земјава и треба да имаат граѓански статус“, рече Давитковски.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска најави дека идентификуваните 650 лица во изминатиов период веќе имаат посебен идентификациски број, но дека потребно е да се променат законските одредби за овие лица да почнат да ги добиваат правата кои им следуваат.

„Законите треба да се сменат. Нема друг начин како некој да добие идентификациски број. Тие сега имаат идентификациски број, но за да обезбедите одредено право треба да може тоа законски да се прикаже и тоа го бараме денеска. Министерството нема можност никого самостојно да го впише. Она што треба да го разговараме е како побрзо да дојдеме до конечното решение и да го ставиме во законска регулатива и да го пробуткаме во Собранието и да почнеме да решаваме случај по случај“, рече министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, најавувајќи дека по изборот на начинот на кој системски ќе се реши проблемот, лицата ќе почнат да се евидентираат во системот во првиот квартал на следната година.

Радио МОФ претходно пишуваше за здравствените проблеми со кои се соочуваат овие лица и институционалните лавиринти низ кои поминуваат за да добијат услуги предвидени од институциите но, без механизми нивна имплементација. Повеќе прочитајте во сторијата во продолжение:

Бремените Ромки без документи талкаат во институционалните лавиринти