Струшки вечери на поезијата од 26 до 31 август

54 издание на Струшките вечери на поезијата годинава ќе се одржи од 26 до 31 август, со учество на 39 странски поети кои го привлекле вниманието на книжевната јавност.

Гости ќе бидaт неколку арапски поети, меѓу кои сириско-либанскиот со светска слава Адонис, кој е лауреат на СВП од 1997, поети добитници на значајни литературни награди, како Јусеф Комунјака од САД – добитник на Пулицерова награда, како и петмина поети од листата на меѓународната поетска платформа „Версополис“ во која учествуваат фестивали од 11 земји, а СВП е еден од нејзините иницијатори. Во Струга ќе допатуваат поети од Шпанија, Шведска, Индија, Германија, Норвешка, Австралија, Чиле, Јапонија, Израел, Словачка, Русија..

Годинава Мексико е земја во фокусот и ќе биде објавена Антологија на современата мексиканска поезија меѓу изданијата од едицијата „Плејади“.

Фестивалот ќе биде свечено отворен на 26 август пред платото на Домот на културата во Струга и таму ќе остане до 30 август, а на 31-ви месецов продолжува во Скопје каде ќе има две поетски читања – матине на Матка и кај Споменикот на гемиџиите на кејот кај Камениот мост. Од 23 август ќе има претфестивалска, неофицијална програма, во која ќе биде отворен Саем на книга и презентација на македонската книжевна продукција, како и преводни изданија.

Врачувањето на сите награди – „Златен венец“ на кинескиот лауреат Беи Дао, „Мостови на Струга“ – за дебитантска поетска книга на млад странски автор (на Паола Бозалонго од Шпанија) и на македонскиот поет кој ќе ја доби наградата „Браќа Миладиновци“ ќе биде, како и во минатите години, на затворањето на фестивалот на програмата „Мостови“. Се најавуваат и поетски филмови во соработка со Zebra Poetry Film Festival од Берлин, а ќе гостува и неговиот директор Томас Волфарт кој ќе одржи предавање за поетскиот филм. Ќе бидат прикажани и документарни филмови за досегашните лауреати на СВП.

 

Годинава е рекордна по бројот на пристигнати стихозбирки на Конкурсот за наградата „Браќа Миладиновци“ која фестивалот Струшки вечери на поезијата ја доделува за најдобра поетска книга на македонски јазик објавена меѓу две фестивалски изданија. Пријавени се 50 дела,  што е најголем број од 1963 година кога наградата е востановена.

Петте книги кои влегоа во најтесен избор се: „Кино утро“ на Јовица Ивановски, „Слики“ на Гордана Михаилова-Бошнакоска, „Се случува вечност“ на Радован Павловски, „Година без лето“ на Виолета Танчева-Златева и „Премостување на мигот“ од Тодор Чаловски.  Нив ги избра жири под претседателство на Зоран Анчевски и членовите: Ефтим Клетников, Иван Џепароски, Јордан Даниловски и Иван Антоновски.