52 новозаболени, четворица починати и 30 оздравени од Ковид-19 во изминатото деноноќие

Министерството за здравство (МЗ) денеска информираше дека во изминатите 24 часа, потврдени се 52 нови случаи на Ковид-19, односно, регистрирани се 26 случаи во Скопје, девет во Тетово, седум во Штип, два во Струга и по еден случај во Велес и Кочани.  Во Институтот за јавно здравје регистрирани се 30 оздравени пациенти.

Од МЗ соопштуваат дека починале четири лица. Во болницата „8 септември“ почина пациентка од Скопје (76г) и пациентка од Тетово (55г), хоспитализирани во мај.

„На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби починаа двајца пациенти, пациент од Скопје (73г), примен на клиниката на 21 мај и пациент од Велес (82г) хоспитализиран на 22 мај“, се додава во соопштението на МЗ.

Во последните 24 часа направени се 661 тестирања. Од вкупниот број направени тестови во изминатото деноноќие 124 теста се во рамките на скринингот во градинки и геронтолошки установи. Тестирањата се направени преку Центрите за јавно здравје Teтово, Велес, Куманово и Скопје, регистрирани се два позитивни случаи во градинка во Скопје и во Куманово.

„Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 2129, бројката на оздравени пациенти е 1516, на починати е 126, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 487.“, информираат од МЗ.

На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во изминатото деноноќие примен е еден пациент, хоспитализирани се вкупно 43 пациенти. На кислородна поддршка се 17, на механичка вентилација е еден пациент.

Во болницата „8 септември“ примени се шест нови, а вкупно хоспитализирани 28 пациенти. На респиратор се 6, a со потешка клиничка слика се седум пациенти.

 

Досега во земјата се направени вкупно 27684 тестирања на Ковид -19.