500 книги собрани преку донаторска акција за околните библиотеки во Тетово

Под слоганот „Донирај книга“, во Тетово се одржа акција за собирање книги која траеше пет дена.

Локалните Ротари и Ротаракт клубови успеаја да соберат 500 книги, со помош на донации од локалните жители.

Фото: Ротари клуб Тетово

Собраните книги ќе бидат донирани на новата библиотека во село Пирок (Тетовско) и на неколку основни училишта, појасни Ардита Асани од Ротаракт клубот во Тетово.

„Идејата за акцијата е дека ако конкретна книга ви оставила впечаток во моментот кога сте ја прочитале, таа книга не заслужува да биде во фиока. Зошто да не дадете можност некому што можеби нема да може да ја прочита, и нему да му остави ист впечаток“, вели Асани за Радио МОФ.

Таа е задоволна што интересот на граѓаните за донирање книги бил голем. Заедно со Ротаракт клубот се надеваат дека ќе продолжат со вакви активности и надвор од Тетово во идниот период.