50 држави се заложија да заштитат третина од Планетата Земја до 2030

Група од 50 држави се заложија дека ќе заштитат 30% од земјината површина и океаните за да се спречи уништувањето на природата и бавното изумирање на дивиот свет.

Коалицијата на високи амбиции за природата и луѓето (ХАЦ), во која членуваат земји од шест континенти, се обврзаа да заштитат третина од Планетата пред денешниот самит во Париз на кој домаќин е францускиот претседател Емануел Макрон, пренесе Гардијан.

Научниците претходно потенцираа дека човечките активности водат кон шестото масовно истребување на животот на Земјата и дека земјоделското производство, рударството и загадувањето се закануваат на нормалното функционирање на екосистемите кои поддржуваат живот кои се клучни за човечката цивилизација.

Во соопштението на ХАЦ се наведува дека заштитата на 30% од планетата до крајот на деценијата е клучно за спречување на масовно изумирање на растенијата и животните и за обезбедување природно производство на чиста вода и воздух.

Оваа заложба најверојатно ќе биде главната цел на „Парискиот договор за природата“ кој ќе се преговара на самитот КОП15 во Кунминг, Кина, на крајот на годинава. Од ХАЦ изразуваат надеж дека заложбите на земјите како Колумбија, Костарика, Нигерија, Пакистан и Канада ќе обезбедат подлога за конечен договор во Обединетите Нации.