5 нови случаи, две починати и 95 оздравени лица од Ковид-19 последниве 24 часа

Последниве 24 часа во Северна Македонија се регистрирани само 5 нови случаи на заразени со Ковид-19, двајца починати од болеста, додека 95 пациенти целосно заздравиле од вирусот, соопшти Министерството за здравство.

Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 95 оздравени пациенти. Најголем број од нив во Куманово-38, па Скопје-32, Прилеп-16, Велес-7 и Тетово-2.

Во ГОБ „8 септември“ почина пациент од Куманово на возраст од 94 години, хоспитализиран на 28 април, а денеска институтот регистрирал и пациентка од Струга на возраст од 69, која починала на 29 април на пат кон болницата во Охрид. Од страна на Центарот за јавно здравје – Охрид е земен постпортем брис кој покажал присуство на вирусот, информираат од Министерството за здравство.

Во изминатите 24 часа направени се 249 тестирања, а потврдени се 5 нови случаи на ковид-19 и тоа во: Скопје-2, Куманово-1, Прилеп-1 и Тетово-1.

„Во однос на оздравените пациенти од вчера направена е исправка, 2 лица кои се испишани од Инфективната клиника во Скопје од Прилеп и Струга се сеуште позитивни на вирусот, но во добра општа состојба се пуштени на домашно лекување. Согласно ова вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 1.511, бројката на оздравени пациенти е 945, на починати е 84, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 482“, напоменуваат од Министерството за здравство.

Направените 249  теста се преку: ИЈЗ –224, Биотек – 11, Филип Втори (Жан Митрев) – 5, Систина со PCR метода  – 6 и МАНУ – 3.

Досега во земјата се направени вкупно 17.246 тестирања на ковид -19.

Од Министерството за здравство соопштуваат и дека:

Во изминатото деноноќие на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби примени се 2 нови пациенти, а хоспитализирани вкупно 39. На кислородна поддршка е 21 пациент, а на механичка вентилација 1 пациент.

Во ГОБ „8 септември“ примени се 3 нови, а вкупно хоспитализирани 23 пациенти. На респираторна машина се 4 пациенти, а уште 5 се со потешка клиничка слика.

Во болницата во Битола се лекуваат 4 пациенти, а на домашно лекување се следат 3. Во болницата во Штип се примени 2 нови пациенти, а хоспитализирани вкупно 4, а уште 4 се следат на домашно лекување. На ифективните одделенија во Прилеп, Велес, Куманово, Гостивар и Тетово се хоспитализирани 44 позитивни и суспектни на ковид-19.